Поднесувам предлог-закон за измена и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа по скратена постапка. Со тоа, во следниот период очекувам да се направи реорганизација на Владата, ова денеска на прес-конференција во Собранието го соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, посочувајќи дека уште за време на кампањата зборувале за реорганизација на ресорите во рамките на Владата и ги повика сите пратеници во парламентот да го поддржат измените на овој закон, зашто, според него, на тој начин ќе покажеме дека не живееме во стереотипи и имаме една цел – како да направиме подобро место за сите граѓани во државата.
Легитимитетот и легалитетот на ова барање, како што рече Мицкоски, го темели на изборниот резултат од пред неколку недели кога коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова освоија 436 000, односно 561 000 гласа.
„Пред изборите ветивме функционална и правна држава, ефикасна влада која ќе спроведе реформи и ќе го подобри животот на сите граѓани на Македонија. Суштината поради која граѓаните ни дадоа огромна доверба е политиките што треба идната влада да ги спроведе да донесат владеење на правото, да нема граѓаните од прв или втор ред, да донесеме реформи во економијата, да го подобриме стандардот на граѓаните, условите во образованието, во здравството да не ни се случува пациентите да умираат по ходниците, младите дома да ги задржиме, повисоки пензии за пензионерите. Сето тоа кое го ветувавме за време на изборите да стане реалност и секојдневие во нашата држава. За да го направиме тоа потребна ни е добра организација на Владата“, рече Мицкоски.
Со овој нов закон, кој веќе е доставен до архивата на Собранието, се предвидува да бидат формирани или реорганизирани определен број министерства во рамките на самата влада, а потоа ги наброја оние министерства кои ќе се реоранизираат, но и новите кои ќе се формираат.
Според него, реорганизација ќе се направи на Министерство за економија, кое ќе стане Министерство за економија и труд, а сегашното Министерството за труд и социјална политика ќе биде Министерство за социјална политика, демографија и млади. Ново ќе биде Министеството за спорт, како и Министрество за енергетика, рударство и минирелани суровини. Мицкоски најави и Министерство за култура и туризам, Министерство за дигитализација, како и ново Министерсво за администрација.
Со тоа идната Влада ќе има 24 члена, односно премиерот и 23 министри, а сегашната брои 20.
„Економија и труд ќе биде министерството кое ќе ги опфаќа дел од ингеренциите на старото Министерство за економија, а на тоа министерство ќе му биде додаден сегментот труд, за да може работодавачите и работниците да бидат на едно место, каде ќе ги реализираат своите права и дијалог. Министерството за социјалната политика и труд, сега ќе биде Министерство за социјална политика, демографија и млади. Агенцијата за млади и спорт нема повеќе да постои и ќе имаме посебно Министество за спорт. Дел од надлежностите кои досега ги имало Министерството за економија во делот на рударството и енергетиката ќе бидат дел од надлежностите на новото формирано министерство, а тоа е Министрество за енергетика, рударство и минирелани суровини. Дел од ингеренциите кои ги имаше Министерството за економија, во делот на туризмот, ќе бидат присоединети до новото Министерство за култура и туризам. Ќе имаме ново министерство кое ќе има задача да спроведе еден многу важен проект, кој ќе ја зголеми транспарентноста, владењето на правото и ќе го намали основаното сомневање за корупција во рамките на администрација, тоа е новоформирано Министерство за дигитализација, кое ќе ги наследи обврските кои ги имаше досегашното Министерство за информатика, информатичка технологија и администрација. Ќе имаме и ново Министерсво за администрација“, вели тој.
Според него, со една ваква реорганизација на министерствата ќе добиеме на ефикаснот и осовременување на самата влада, а како што додаде, со тоа се очекува да се подобри животот и стандардот на сите граѓани во државата, без разлика на нивната партиска и политичка припадност.
„Денеска самиот закон влегува во собраниска процедура. Очекувам веќе во петок да се најде на седница на Собранието, да се утврди потребата на овој закон, а потоа матичните комисии надлежни за овој закон да ја продолжат расправата, а откако тоа ќе заврши да се врати пак на пленарна седница. Имајќи ги в предвид роковите во Деловникот, најдоцна очекувам понеделник, вторник овој закон да биде изгласан во една нормална постапка, согласно деловникот на Собранието“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски посочи и дека не би сакал да делува како ловец на пратеници, туку очекува поддршка од сите пратенички групи, не само за овој закон туку и за другите реформи, кои како коалицијата и како ВМРО-ДПМНЕ во иднина ќе ги поднесат.
На новинарско прашање до каде се преговорите за коалицијарање, Мицкоски рече дека тие веќе привршуваат.
„Очекувам утре претседателката Сиљановска-Давкова да го даде мандатот на јасно декларираното мнозинство, кое беше јасно декларирано и при изборот на Африм Гаши за претседател на Собранието. Очекувам и час поскоро да го поднесам составот на членови на идната влада“, рече Мицкоски.
Според него, идната влада ќе биде изгласана пред крајниот рок дефиниран согласно Уставот.
Во распределбата на министерските позиции, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, како победничка на парламентарните избори, добива најмногу – 13 ресори. На нејзино конто одат клучните места поврзани со безбедноста и надворешната политика – Министерството за внатрешни работи.