Search
Search

“Не се нашите имоти за вашите профити“- нов протест против бетонизација на Лисиче

„Не се нашите имоти за вашите профити“, „Зелена општина – црна иднина за Лисиче“, „Стоп за урбаната мафија“ порачаа жителите на Лисиче  кои попладнево повторно протестираа и ја блокираа раскрсницата на булеварите „12. Македонска бригада“ и „Србија“,  против предложениот Детален урбанистички план за Градската четврт ЈИ09.

Со транспаренти „Да го зачуваме Лисиче“ и со креативни пораки испишани на транспаренти и свирчиња ја блокираа раскрсницата, барајќи поддршка од нивните сограѓани.

Со предложениот ДУП, Општина Аеродром планира да изгради девет згради во оваа населба, од кои една 12-катница и осум згради со по седум ката. Жителите на Лисиче уште пред да биде изгласан овој ДУП, односно додека беше во јавна расправа, поднесоа анкетни листови, а и преку 700 жители од засегнатите области потпишаа и петиција со која се противат на ваквиот план, кој неповратно ќе го промени изгледот на Лисиче.

Под притисок од протестите на лисичани, Општина Аеродром најави дека ќе прифати дел од забелешките на граѓаните и ќе подготви нов ДУП. Меѓутоа, според жителите на Лисиче ваквите најави се само обид за манипулација, бидејќи повеќе од два месеца чекаат одговор на забелешките од нивните анкетни листови.

„Ве повикуваме и оваа среда во 17:30 да ни се придружите во нашата борба и заедно да кажеме стоп на градежното лудило!“, се посочува во најавата за настанот на Фејсбук.

 

Фото Ангел Ангеловски

Инаку, против овој ДУП во Општина Аеродром се протестираше и во средата, кога жители на Лисиче излегоа на протест кај крстот на раскрсницата помеѓу булеварите „12. Македонска бригада“ и „Србија“.

Од Општина Аеродром претходно излегоа со соопштение, каде посочија дека се прифатени забелешките од граѓаните и дека се изготвува втора верзија на ДУП за дел од Лисиче. Но, жителите ваквиот потег го окарактеризираа како обид за манипулација на јавноста.

.

АКТУЕЛНО