Некаде „Република Македонија“, некаде „Република Северна Македонија“, некаде ништо. На почетната страница на новата веб-страница на Гордана Сиљановска-Давкова никаде не стои дека таа е претседател на држава и на која држава
На веб-страницата на новата претседателка на државава Гордана Сиљановска-Давкова има забележителна доза конфузија околу официјалното име на државата. Некаде стои „Република Македонија“, некаде „Република Северна Македонија“, а на почетната страница воопшто и го нема називот на државата, туку само претседателскиот грб. Не се ни знае каква функција извршува Гордана Сиљановска-Давкова.
Прво со заклетвата во Собранието, потоа со со сите соопштенија во кои се кажуваше за нејзините средби, се избегнува да се спомене името Република Северна Македонија. Иако соопштенијата се пренесуваат на офоцијалниот меморандум на кој пишува „Република Северна Македонија“ во ниедно од тие соопштенија не беше наведено каква функција извршува таа. Сите тие почнуваат со истата реченица: „Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска…“
„Република Северна Македонија“ е наведено во описот на телата што се под надлежност на претседателот на Републиката, како Советот за безбедност, Комисија за помилувања, Комисија за одликувања, онака како што законски се опишани.
Но во рубриката „Медиа центар“ по наведените соопштенија за досегашните средби на Сиљановска-Давкова во делот за „Транспарентност“ пишува дека „Транспарентност, отвореност и достапност се принципи по кои функционира институцијата Претседател на Република Македонија и Кабинетот како стручна служба за поддршка на работата на претседателот“. И под тоа е фотографијата на Гордана Сиљановска-Давкова.