Целокупната институционална комуникација која е дел од законите и Уставот ја содржи и ќе ја има придавката во името на државата, и законот за реорганизација на владата го поднесовме со таа придавка, но мое право е татковината да ја именувам како Македонија. Немам намера да се однесувам талибански, но очекувам талибански да не се однесуваат и други политичари, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар за состав на владата, Христијан Мицкоски на новинарско прашање како го коментира предуредувањето од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис кој најави можна блокада не евроинтеграцискиот пат доколку новата македонска влада не го почитува уставното име на државата.
Мицкоски рече дека ги разбира политичките состојби во Грција имајќи го предвид предизборниот период поради европските избори, но додаде дека не очекува талибански однос и цензурирање во однос на човековото, како што рече, елементарно право да се именува државата.
„Се што е дел од Преспанскиот договор, вклучително и делот за името, идната влада ќе го почитува. Впрочем, и решенија за пратеничкиот мандат што ги добивме се со придавката на името. Еве и законскиот предлог што денеска го доставивме е со таа придавка. Но мое човеково право, гарантирано со многу конвенции е правото на слобода на говор и изразувањето. Не им се лутам на политичари кога не го кажуваат целото име на нивната држава. За мене мојата татковина е Македонија и ќе остане Македонија. Целокупната институционална комуникација која е дел од законите и Уставот ќе биде почитувана додека се во сила. Не може да барате почитување на законите, а да сте лицемерни и да кажувате други работи. Во моите изјави името ќе биде Македонија“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека тоа ќе го каже и на Самитот на НАТО доколку биде отворено такво прашање.
„Ќе кажам дека ние сакаме да градиме мостови со јужниот, со истичниот, северниот и со западниот сосед и дека ние сме мирољубив народ и дека сакаме соработка и пријателство. Очекувам така да се однесуваат и соседите. Немам намера да се однесувам талибански, ниту талибанско однесување не очекувам од кој било политичар. Можеме на кој било форум да отвориме дебата кој колку има реализирано од Преспанскиот договор, но сепак не би сакал да го губам времето туку сакам разговори за инвестиции и развој“, нагласи Мицкоски.
Запрашан за неспојливоста на функциите премиер и пратеник, посочувајчи го примерот со Талат Џафери, Mицкоски рече дека практиката и порано била таква.
„Не е за првпат Македонија да има и технички премиер кој е пратеник. Тоа беше Оливер Спасовски, беше и Емил Димитриев. Точно е дека е тоа сива зона во законите, не случајно споменав примери и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ, сега е тоа ДУИ со Талат Џафери. Треба час поскоро да го решиме законски ова прашање“, изјави Мицкоски согласувајќи се дека е тоа проблем кој се провлекува со години.
Тој оцени дека не треба да се трошат пари за локални избори во оние општини каде градоналниците ќе добијат функција во владата.
„Изборите се во десетиот месец од идната година, и иако можеби на ВМРО-ДПМНЕ ќе ни одговара да има избори, ние се залагаме да не се трошат пари кога таа функција до тогаш можат да ја извршуваат в.д. градоналалници“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.