Search
Search

Николовска: Постои стратегија за ублажување на климатските промени во Скопје, но таа воопшто не се имплементира

Елена Николовска, програмски координатор за клима во „Еко свест” во интервју за Слободен печат се осврна и на улогата на Град Скопје во ублажувањето на последиците д климатските промени.

Николовска рече дека тие како организација, не се запознаени многу со работата на Град Скопје во делот на заштита на животната средина.

„Ние како организација немаме информација до каде е на пример пречистителната станица во Скопје и не знаеме зошто тие проекти не се гледаат како приоритетни. Ние зборуваме за меѓународни обврски и тие се важни затоа што на нив државата ставила потпис, на стратегијата за отпорно Скопје Градот Скопје ставил потпис без разлика кој бил градоначалник, но тие обврски не се имплементираат. Стратегијата за отпорно Скопје воопшто не се имплементира, тоа е стратегија за намалување на емисиите од страна на градот. Во таа стратегија постојат и мерки за прилагодување на екстремни временски настани, особено во урбани средини, како топлотен бран. Таму се многу убаво напишани има лоцирано топлотни острови, насоки каде треба да се зголеми зеленилото, какво зеленило треба да се постави, не само тоа да биде бусен трева како што е фрлена на плоштадот, туку тоа да биде мултифункционално зеленило. Да има грмушки, тревна површина, дрва во големи крошни, простор каде луѓето ќе можат да седнат да се одморат, вода да има, но не скапи големи фонтани кои трошат вода, туку обични чешмички. Ете тоа е една толку проста мерка што стои во стратегијата за отпорно Скопје“ посочи Николовска.

АКТУЕЛНО