Search
Search

Општина Арачиново под клуч: Градоначалникот добил закани по живот

Општина Арачиново стави клуч на врата и од денеска општинската администрација и грдаоначалникот Ридван Ибраими нема да бидат на услуга на граѓаните. Општината се затвора поради безбедносни причини откако вчера градоначалникот Ибраими добил закани по живот од маж на 69 години.

Дека општинската администрација и градоначалникот од денеска нема да работат, Општината ги информира граѓаните преку соопштение.

„Ве известуваме дека од безбедносни причини општинската управа нема да работи од 25.05.2023 година (четврток) до нова одлука за која навремено ќе бидете информирани.

Се извинуваме што нема да можеме да вршиме услуги и законски обврски кон граѓаните, но ваква мерка преземаме поради безбедноста на вработените во општинската администрација, но и граѓаните кои се обраќаат до Општината

Како што можевте да се информирате од медиумите, втор пат е нарушена безбедноста на вработените во општинската администрација и градоначалникот, па таквата одлука и против наша волја и желба беше неизбежна“, се вели во соопштението на општинската информативана служба на Арачиново.

Според телевизијата Алсат М, полицијата презема мерки за расветлување на заканите по живот на градоначалникот на Арачиново. Градоначалникот вчера самиот пријавил во полиција дека некој му се заканувал по живот, додека не бил присутен во општинската зграда. Полициските служби по добивањето на информацијата излегле на терен каде ги испрашале вработените кои биле сведоци на настанот. Од безбедносните камери го идентификувале лицето кое упатило вербална закана, но не се знае дали во тој момент било вооружено. Според сведоците, се слушало викање и пцуење, додека полицијата спречила група луѓе да влезат во зградата на општина Арачиново.

 

АКТУЕЛНО