Search
Search

Палатата Рубен – рубинот на Скопје

Кога се зборува за старите монументални градби кои ја красат македонската престолнина, не може а да не се спомене палатата Рубен. Сместена на улицата “Илинденска”, спроти фонтаната на влезот од Градскиот парк и ден-денес претставува украс на градот и паметник на времињата одамна минати.

Прекрасната композиција на орнаменти и украси на фасадата само го дополнуваат нејзиниот величествен изглед и раскош. Приказната за палатата започнува во 1924 година кога познатиот стоматолог, д-р Емил Рубен започнал да ја реализира желбата – во наследство на своите поколенија да им остави објект со кој ќе се гордеат.

Проектот го изработил тогаш најпознатиот архитект рускиот емигрант Иван Артемушкин. Палатата се градела етапно, кат по кат, за целосниот изглед да го добие во 1927 година. Ја граделе познати мијачки мајстори, кои за темелите и носечките столбови користеле камен носен директно од Галичник.

Тулите, пак, биле транспортирани од Солун, а прозорците и столаријата рачноизработени од пелистерска молика. Сепак, најраритетни се двете влезни врати, кои заедно со вратите на апартманите биле моделирани од чиста буковина. И ден-денес, тие ја извршуваат својата функција, без никакви траги од забот на времето.

 

1927 година

Квалитетот и перфекцијата со која е изработена палатата Рубен е причина што таа не потклекнала ниту пред многубројните катастрофи кои во минатото го зафаќале градов. Само во земјотресот, во 1963 година, се оштетил еден мал дел од мансардата, но темелите не претрпеле никакви оштетувања.

Фамилијата Рубен. потекнува од Франција, од Тулуз, каде што биле видни златари. Со желба за поголемо збогатување, ја напуштиле родната грутка и заминале во источен медитеран, но набргу се упатиле кон Истанбул. Во тој град се стационирале кон крајот на 18 век и успешно го работеле занаетот правејќи покрај накит и златни заби.

Бидејќи сите деца во фамилијата Рубен имале можност да се школуваат, тие го одбрале забарството за своја идна професија. Со тоа била прекината долгогодишната златарска традиција, а за своја нова татковина ја одбрале Грција, тогаш во Османлиската Држава, населувајќи се во Атина.

Најуспешен од сите бил Виктор Рубен кој станал и дворски забар, кај султанот. Неговите деца го наследиле изучувајќи го забарството во универзитетските центри во Европа. По смртта на својот татко, Едуард, Жозеф, Алфред и Емил се преселиле во Солун и отвориле заедничка стоматолошка ординација. Емил, кој бил најенергичен и со авантуристички дух, се одвоил од своите браќа, со желба да се осамостои и да заработи повеќе.

По препорака на своите пријатели, се упатил во Скопје бидејќи во тоа време немало други забари и бил добар крај за печалба. Во Скопје Емил пристигнал со својата сопруга во 1907 год. Отворил стоматолошка ординација веднаш до Камениот мост, од левата страна на Вардар, во куќата на Зејнел бег, во Ибни Пајко маало.

За време на Првата светска војна Рубенови биле интернирани во Пирот, се вратиле во Скопје во 1919 год. Пофторно ја обновил својата стоматолошка ординација. За цело време додека престојувал во Скопје за себе и за своите потомци го задржал француското државјанство.

Така било сé до 1923 год. кога се изгласал нов закон со кој странски државјани не смееле да работат во приватниот сектор. Тогаш Емил решава доживотно да остане во Скопје бидејќи одлично се вклопил во целокупниот живот. Во 1926 год. Емил ја отпочнал изградбата на нивата куќа веднаш до градскиот парк. Бидејќи неговиот капитал не бил доволен за изградба на куќата, тој земал заем од Хипотекарната банка. Куќата била готова во 1927 год. и ден-денес претставува исклучителна градба и палата достојна за почит.

Има три ката без приземјето, уште од нејзината изградба има сопствен водовод, а на мансардата имало резервоар за вода. На секој кат има три големи салони и две спални соби, а најкарактеристичен дел од куќата е малото бетонско мовче кое води од тротоарот до влезот на куќата. Бидејќи каматите на банката биле премногу високи, Рубен бил приморан извесен период да ја издава куќата на филијалата на Поштата. Издадени биле сите три ката, а фамилијата живеела во сутеренот. Како фасадата, така и ентериерот во куќата бил прекрасен.

Сите салони биле луксузно наместени со стилски мебел, а д-р Рубен бил еден од првите скопјани кој донел радио. Секоја недела наутро во нивниот дом се собирале роднини и пријатели кои биле католици и ги слушале ѕвоната на црквата Св. Петар во Рим. Како напреден човек кој бргу ги прифаќал сите новини од областа на техниката и сл., Рубен сакал да купи автомобил, но поради лошите патишта во градот се одлучил да користи велосипед кој исто така во тоа време претставувал реткост.

Децата на Емил и Марија, успеале да станат високообразовани личности. Виктор и Ремон завршиле гимназија во Загреб, а медицински факултет во Грац, додека нивните сестри учеле во скопските женски гимназии. Виктор отворил своја ординација во куќата на Настеви, над “Громби”, во 1939 год. Но, по кусо време несреќно го завршил животот за време на Втората светска војна.

Професијата на својот татко ја наследила и најмладата ќерка Ивона и со неа се занимавала сé до нејзиното мажење. Марија-Антоанет станала една од првите жени-судии во Македонија, Елена-професор по македонски јазик, а Ремон дерматолог и професор на Медицинскиот факултет во Скопје. Денес кога сите директни потомци на Емил Рубен се мртви, историјата на оваа ценета фамилија ја продолжуваат неговите внуци, но забарската традиција е целосно прекината иако била вешто одржувана цели 150 години.

АКТУЕЛНО