Во последните три години 3.600 граѓани низ земјата пријавиле напади од улични кучиња. Од нив дури 500 се деца. Но се смета дека бројките се многу поголеми од официјалните, а општините исплаќаат илјадници евра оштети.
Во Скопје исто така „врие“ од бездомни кучиња. Ги има насекаде, по плоштадите, тревниците, на улиците. Дел од нив се стерилизирани односно им е одземена можноста да се размножуваат, за што сведочи ушната маркица. Поголемиот дел, ваква маркица немаат.
Граѓаните реагираат дека глутници кучиња се собираат во градот, па бараат од надлежните да преземат решенија.
Проценките се дека во Скопје има над 4.000 бездомни кучиња. Јавната свест за вдомување е ниска, јавното претпријатие „Лајка“ кое треба да ги стерилизира е заглавено во долгови, а законот со кој треба да се „стегнат“ несовесните граѓани што фрлаат миленици три години е во процедура за донесување.
Директорката на „Лајка“ Радмила Пешева во разговор за Градска.мк, вели дека нејзиното претпријатие се бори со сета своја сила во сите општини да се реши проблемот, без средствата кои треба да ги добиваат од општините, но и со ограничен персонал во претпријатието вели дека и се врзани рацете.
Покрај градот, пари за „Лајка“ треба да дадат и општините кои е потребно да исплатат по два милиони денари на годишно ниво. Од вкупно 10 општини во 2022 година на пример, според статиститките редовно исплаќале само општините Аеродром, Центар и Гази Баба. Одредени исплати имало и од Бутел и Ѓорче Петров, додека другите општини не платиле ништо.
Таа исто така вели дека има сигурни информации, дека проблем со бездомните кучиња во Скопје е и т. „увоз“ на кучиња од други градови. Според Пешева бездомните кучиња со комбиња се префрлуваат во Скопје, за што има пријави и до Министерството за внатрешни работи, но засега немало никава интервенција од полицијата.
Според неа мора општините да бидат поотворени и да соработуваат, тоа посебно се однесува на стерилизацијата на кучињата.
Градска редакција: Граѓаните се повеќе се жалат дека настрадале од улични кучиња, има напади и каснувања, дали има решение за овој проблем?
Пешева : Решението е комплексно и не зависи само од „Лајка“, ние работиме засилено и третираме огромен број на кучиња. Пред се ги заловуваме за да го спречиме нивното размножување, меѓутоа општините мора да помагаат. Основен проблем е што ние што работиме со ограничени средства, а парите што ги очекуваме од општините не ни стигнуваат. Тоа ни ги намалува капацитетите, обемот на работа, не можеме доволно луѓе да ангажираме значи целосно сме хендикепирани за сериозен прилив на пари кои што го очекуваме, а не го добиваме и буквално работиме повеќе со ентузијазам и импровизирано отколку што можеме да направиме некаков план по долгорочно решавање на проблемот.
Градска редакција: Колку се општините отворени за соработка и дали ги подмируваат нивните финансиски обврски кон ЈП „Лајка„?
Пешева : Најголемиот проблемот го креираат граѓаните кои што создаваат легла и кои што после ги фрлат на улица, еднаш кога кучето е на улица после многу брзо се размножува и проблемот се мултиплицира за час, меѓутоа општините мора да работата на овој проблем, а не да се изземаат од одговорност . Тоа треба да се прави преку заедничка едукација на граѓаните за тоа кои се нивните обврски, мора да ни помогнат во спроведување на планот за стерилизација и на домашните кучиња, да не се создаваат нови легла за кои знаме дека 80 % завршуваат на улица. Мора секое куче да се регистрира да се знае што е точно обврската на сопственикот затоа што ние луѓето и домаќинствата сме тие што го создавамепроблемот. „Лајка“ нема никакви ингеренции за да интервенира на изворот на проблемот , ние за жал ги третираме само последиците = односно кога кучето веќе ќе биде на улица. Тоа ни дава само еден единствен избор, а тоа е да ги заловиме и да ги стерилизираме / кастрираме кучињата и здраво да го вратиме на истата локација. Токму затоа мора државата и институциите да создадат систем за да нашата работа да постигне ефект. Од друга страна имам сигурни информации дека се увезуват кучиња од други градови кои со комбиња се префрлуваат во Скопје за овие случаи никогаш не интервенирала Министерството за внатрешни работи.
Градска редакција: Со кои општини „Лајка“ има потпишано Меморандум за соработка?
Пешева : Договор за соработка имаме потпишано со сите општини освен со општина Сарај и Шуто Оризари. Неодамна пред почетокот на годината потпишавме Меморандум за соработка со општина Чаир. Веќе минатата недела објавивме стратешко заловување на кучиња во општината која траеше цела недела, тоа значи дека се посветивме на секоја улица. Општината ни излезе во пресрет, јавнои ја објави ова информација, а на тој начин ги замоливме сите граѓани да пријавуваат локации каде што има кучиња за да можеме да ги заловиме. Бидејќи оваа акција беше успешна, иако нашиот стратешки план за општина Чаир заврши, сепак уште им стоиме на располагање на граѓаните кои пријавуваат локации каде има бездомни кучиња, за да можеме безбедно да ги третираме.
Градска редакција: Често велите дека имате мал број на вработени во ЈП „Лајка„ како се снаоѓате дали е можно да имате нова систематизација па да се предвидуваат проширување на составот на претпријатието па со тоа да се постигне поголем ефект?
Пешева : „ Нашиот буџет е ограничен но ако сите општини би ни плаќале, нашите раце би ни биле одврзани за да можеме да инвестираме во претпријатието и да имаме поголема ефикасност , секако би биле поефикасни ако сите општини си ги исполнуваат должностите и обврските, затоа што, знаете од штетата за каснување за овие општини ја плаќа ЈП „Лајка„ и градот Скопје, а тие својот дел финансиски не ни го даваат, отштетата е многу поголема од колку што они го исполнуваат финансиското задолжение спрема нас. Единствени што плаќаат се општина Гази Баба и Центар. Друг проблем се и селските кучиња кои имаат сопственици но се не одговорни и ги пуштат за да слободно се парат, пример кога ги ловиме сопствениците доаѓаат и ги земат, затоа мора да ги регистрираат, и мора да се регулира со закон сопствеништвото па за не одговорни сопственици да се плаќаат и пенали.
Н.Ш