Search
Search

Платата на воспитувачите во градинките за шест години пораснала од 18.000 на близу 40.000 денари

Септемвриската плата e првата со пресметаното зголемување откако во јули Владата и Синдикатите во рамките на Економско социјалниот совет (ЕСС) по преговорите кои траеја со години, потпишаа Колективен договор. Над 130 илјади вработени во јавниот сектор, пред се наставниците во основните и средните училишта, но и вработените во градинките се очекува да добијат и регрес за годишен одмор во износ од 10 илјади денари, а следната година ќе изнесува најмалку 30 отсто од просечната плата.

Од март 2025 година стапува на сила новата методологија според која просечната плата помножена со коефициентот ќе биде основата за пресметка на платите во јавниот сектор. Избраните и именувани функционери кои добија 78 отсто повисоки плати нема да добијат дополнително покачување од 10 отсто.

Претставниците на Синдикатите се задоволни од исходот на преговорите изборените 30 отсто од просечна плата за регрес во 2024 година и фактот што веќе ниту еден административец нема да биде на минимална плата. Со новата методологија платите во јавниот сектор од март 2025 година ќе бидат далеку повисоки, сметаат тие.

„Цело време разговараме за системско решение кое ќе важи за сите. Ние имаме една од значајните реформи во системот за плати. Разликите ќе се усогласат согласно растот и тоа ќе важи за сите институци во јавниот сектор. Важно е што системски регулираме плати и регрес за годишен одмор за оваа година. Мислам дека ова е историски момент, може да лицитираме со бројки дали можело повеќе или помалку, но битно е дека секој службеник во јавниот сектор ќе може да знае што го очекува во иднина“, рече тогаш  вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Како растеше платата во градинките

Во однос на платите на вработените во детските градинки,  од 2017 година, тие бележат континуиран раст, што беше едно од најважните барања на СОНК во насока на  усогласување на Колективниот договор со минималната плата и покачување на платите на воспитувачите и негувателите.

Во 2017 година, платата на воспитувач била 18.300 денари,  во февруари 2022 година е 26.574 денари, за негувател сега просечна плата е 19.560 денари, а во 2017 година негователот земал плата 14.493 денари. Минатиот октомври платите пораснаа за 15 проценти, што значи дека за пет години платата во овој сектор пораснала и до 45 проценти. Со покачувањата за порамнување со минималната плата, но и последните покачувања од 15 проценти согласно колективниот договор, вработените во градинките добиваат над 60 проценти повисоки плати во изминатите шест години.

Ова секако е основната плата, но со додатоците, пресметките за стаж и минат труд процентот на зголемување на платите се приближува и до речиси стопроцентно зголемување.

-Во 2017 година мојата плата како воспитувач беше навистина премала, дури и понижувачка, но со последното покачување, платата за сетември која ја зедовме минатата недела се приближува до 40.000 денари, вели воспитувачка од градинка за Градска.мк.

Наставниците ги примија новите септемвриски плати, покачени за 15 проценти

Наставниците на почетокот на месецов ги добија покачените плати за 15 отсто, па така сега ако еден наставник во основно образование во август оваа година имал почетна плата од 29.258 денари, за септември примил плата 33.511 денари или 550 евра.

Кај професорите во средните училишта оние кои во август имале почетна плата од 30.485 денари, во септември добиле 34.926 денари, покажуваат податоците.

Но зависно од стажот на наставниците, односно од степенот на сложеност, останатите плати се повисоки, а оние кај оние наставници и професори со поголем стаж платата надминува 40.000 денари. Добро е да се потсети дека платата на наставниците беше околу 300 евра во 2017-та година, а минималната плата десетина илјади денари.

 

АКТУЕЛНО