Ден по судирите, палењето автомобили и поставувањето барикади на коловозот, состојбата на северот на Косово е смирена.
Косовската полиција преку соопштение објавено синоќа објави дека возилата кои биле поставени на патиштата се отстранети и дека патиштата се слободни за сообраќај.
Тензиите на северот од Косово се зголемија по заклетвата на новите градоначалници, кои вчера требаше да почнат со работа во соодветните општински објекти.
Полицијата употреби солзавец и шок-бомби за да ги растера српските граѓани кои се собраа пред општинските згради во северно Косово, во обид да ги спречат новите албански градоначалници да влезат во нивните канцеларии. Тие успеале да влезат во нивните канцеларии, со помош на полицијата.
На овие случувања жестоко реагираше меѓународната заедница. Премиерот на Косово Албин Курти рече дека е свесен и ја разбира загриженоста на меѓународните партнери за вчерашните случувања на северот, но дека секоја друга опција би била неисполнување на обврските.
Тој ги покани српските граѓани на Косово да соработуваат со новите градоначалници и нивните кабинети.