Ова го најави директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.
– За базенот во Карпош веќе е избран изведувач и очекувам наредната недела да започнат градежните активности – изјави Мојсовски.
Тој нагласи дека станува збор за типски школски базен според светски стандарди – со должина од 25 метри, широчина од 8 до 9 метри и длабочина од 1,2 метри. Мојсоски вели дека ќе го користат, пред сè, учениците од основните училишта во Карпош, во рамките на физичкото образование, а по часовите, попладне ќе можат да го користат и заинтересираните граѓани.
Освен тоа, Мојсовски информираше дека наскоро ќе бидат пуштени во употреба два затворени базена чија изградба започна во 2020 година.
Се работи за базените во ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ во Кисела Вода, во вредност од 37.802.641 денари со вклучен ДДВ, и во ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче Петров, во вредност од 38 милиони денари. Очекувањата се тие да профункционираат од септември или од октомври.
Затворениот базен во ОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче Петров е со димензии 20,40 х 30,35 метри, со длабочина од 0,9 до 1,4 метри, приспособен за децата од училишна возраст. Базенот во ОУ „Невена Георгиева-Дуња“ во Кисела Вода е со широчина на коритото од 8,9 метри, должина 25 метри и длабочина од 0,8 до 1,2 метри. Габаритот на целиот објект е 31 x 21 метри.
Овие базени се дел од проектот „14 затворени базени“ на Агенцијата за млади и спорт. Оној во Тетово е веќе пуштен во употреба, како и оние во Кичево, Битола, Штип, Кавадарци, Карпош, Чаир, Струмица, Струга, Кисела Вода, Ѓорче Петров и во Аеродром.