Search
Search

Почнува шестото издание на филмската ревија „Златна рамка“

Во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), од денеска до 20 јуни ќе се одржи шестото издание на „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ).

Во рамки на тридневната фестивалска програма, почесни награди „Златна Рамка“ ќе им бидат доделени на тројца истакнати филмски професионалци од македонската филмска индустрија: актерот Тони Михајловски, продуцентот Владимир Анастасов – Вац, и филмскиот работник Марина Колоска.

Како што соопштија од Друштвото на филмските работници на Македонија, филмските ентузијасти ќе може да ги проследат најновите филмски остварувања на домашните филмски таленти.

– Иницирана како дел од стратешката програма за афирмирање на филмската уметност и домашната продукција, “Златна рамка“ се етаблира како клучен настан за промоција на македонската кинематографија. Примарната цел на фестивалот е транспарентно да ја претстави годишната продукција, а со тоа да го подобри квалитетот на проектите и да генерира интерес кај домашната публика и медиумите. Исто така, оваа филмска ревија нуди платформа за филмските професионалци да разговараат за релевантни прашања и да ги споделат нивните достигнувања. Во текот на следните три дена, „Златна рамка“ ќе служи како енергично место за средба на филмаџиите, актерите и кино ентузијастите, се наведува во соопштението од ДФРМ.

Најавена е програма со различни долгометражни филмови, кратки и документарни филмови од најновата македонска филмска продукција.

АКТУЕЛНО