Податоците од документот на ОБСЕ прикажуваат пораст на обидите да се влијае на судиите од страна на нивни колеги судии, од судиите од повисок ранг и членовите на Судскиот совет, а има извесно намалување кај обидите за влијание од претставниците на извршната власт
Пристрасните судски вештачења носат најголем ризик од корупција во правосудството, сметаат судиите и обвинителите кои одговориле на анонимната анкета за истражуањето што го изврши Канцеларијата на ОБСЕ во Скопје, а со цел да се изгови иновативен документ во кој е извршена проценка на ризиците од корупција во правосудството. Документот е изготвен од ОБСЕ, во партнерство со Државната комисија за спречување на корупцијата, Здружението на судиите и Здружението на јавните обвинители. На 427 судии и 164 обвинители по пошта им бил испратен анонимен прашалник, а одговориле 212 судии и 83 јавни обвинители.
„Резултатите навистина отвораат очи, обелоденувајќи дека и судиите и јавните обвинители надворешните ризици ги сметаат за позастапени: Тие ги идентификуваат пристрасните судски вештачења како највисок ризик од корупција. Исто така, судиите ја препознаваат злоупотребата на процесните права од страна на адвокатите и нискиот квалитет на обвинителните акти како значителни ризици од корупција. Јавните обвинители изразуваат загриженост поради недоволната соработка меѓу јавното обвинителство и другите истражни органи, како и за злоупотребата на процесните права од страна на адвокатите“, се вели во резимето на документот.
Во споредба со истражувањето на ОБСЕ од 2009 година, сега податоците прикажуваат пораст на обидите да се влијае на судиите од страна на нивни колеги судии, од судиите од повисок ранг и членовите на Судскиот совет, а има извесно намалување кај обидите за влијание од претставниците на извршната власт.
„И судиите и јавните обвинители изразија значителна недоверба во работата на своите Совети, при што три од четири судии вклучени во истражувањето посочија дека не веруваат дека Судскиот совет успешно ја штити судската независност, додека над половина од испитаните јавни обвинители посочуваат дека не веруваат дека Советот на јавни обвинители ги донесува одлуките самостојно и независно“, се вели во документот.
Судиите и јавните обвинители се подеднакво незадоволни од техничките ресурси што ги имаат на располагање. Значителен дел од судиите и јавните обвинители одговориле и дека не се чувствуваат безбедно во нивниот секојдневен приватен живот или на своето работно место.
Трите највисоки фактори за корупција според истражувањето се несоодветните наоди и мислења од вештаците, злоупотребите од страна на адвокатите со цел да се одолговлекува постапката, како и нискиот квалитет на обвинителните акти. Во истражувањето се наведува дека испитаниците ја критикуваале работата на вештаците и во кривичните и во граѓанските постапки, со контрадикторни вештачења и со тенденција да одат во полза на страната што ги ангажирала.
– На пример, во кривични предмети за сообраќајни незгоди што резултирале со смртен исход, одбраната често понудува вештачење што значително се разликува од она на вештаците ангажирани од јавното обвинителство. Овие „нарачани вештачења“ може значително да ги одолговлечат и да влијаат врз кривичната или граѓанската постапка. Кога судиите се соочуваат со спротивставени вештачења, тие мора да наредат и „супервештачење“ спроведено од конзилиум од тројца вештаци ангажирани од судот – се вели во документот.
Дополнително, се додава до документот, вештаците може да одбијат или да го одложат финализирањето на мислењето поради доцнење на плаќањето од страна на јавното обвинителство или судот. Ова непотребно одолговлекување на кривичните постапки, особено во случаите од јавен интерес отвора сомнежи за потенцијално коруптивно однесување, зашто вештачењата често се клучен доказ. Понатаму, немањето надзор и делотворни реперкусии за нестручното и несовесно однесување на вештаците ја истакнува
потребата од поделотворна регулатива и контрамерки, наведува документот.
За работата на адвокатите е наведено неетичко однесување и блискоста помеѓу јавните обвинители и адвокатите што може да ја поткопа довербата на јавноста во однос на правичноста на постапката.
– На пример, испитаниците забележаа дека е познато дека некои адвокати ги замајувале своите клиенти со ширење лажни гласини за корумпирани судии што треба да се поткупат за да донесат поволна пресуда. Во некои случаи, адвокатите дури побарале од своите клиенти дополнителни средства за наводно да ги поткупат судиите, иако парите никогаш не стасале до наводниот примател, а за предметот се решавало непристрасно – се вели во документот.
Главен внатрешен ризик од корупција што го идентификуваа судиите се однесува на влијанието што го остваруваат претседателите на судовите преку Годишниот распоред на работа за судиите.
– Овој распоред се користи од страна на претседателите на судовите за судиите да се прераспределат од еден во друг оддел на судот по потреба и иако служи како менаџерска алатка за подобро да се организира работниот процес, сепак постојат наводи за злоупотреба од страна на определени претседатели. Конкретно, во минатото имаше случаи на ад хок промени на годишниот распоред како резултат на што на определени судии им се доделуваа предмети од висок јавен интерес. Правната заедница се ангажираше во дебата во врска со ваквата злоупотреба речиси седум години откако инистерот
за правда го покрена ова прашање во врска со Кривичниот суд Скопје и
разочарувачки е да се забележи дека ова останува најприсутен внатрешен ризик што го идентификуваа судиите – се вели до документот.
Гореспоменатиот ризик, се додава понатаму, е придружен со пет дополнителни внатрешни ризици од корупција што се однесуваат на однесувањето на судиите и нивната потенцијална поврзаност како и наклонетоста кон адвокатите или јавните обвинители. Во овие ризици спаѓа и селективното назначување на бранители по службена должност и злоупотребите од страна на стручната служба во судовите.
– Во тек на интервјуата, како ризик од корупција беа идентификувани неколку случаи на блиски односи меѓу судии и адвокати или јавни обвинители, особено во случаите кога членови на семејствата имаат вакви позиции во ист град или на подрачје на апелационен суд. Иако на учесниците во вакви односи им е забрането да постапуваат во ист предмет, тие сѐ уште може да влијаат врз работењето на судиите кои се колеги од истото судско подрачје, особено во помалите градови. Дополнително, овие односи може да влијаат на одлуките на граѓаните кога одбираат адвокати кои се познати по своите врски со определени судии – наведува истражувањето.
На промоцијата амбасадорот на ОБСЕ Килиам Вал истакна дека корупцијата во судството е познат непријател со кој се соочуваме, а документот, односно проценката од прва рака ги прикачува искуствата на судиите и обвинителите.
Заменик-амбасадорот на САД Ерик Мејер рече дека проценката на ризиците од корупоција е корисна, само ако добиените податоци се преточат во дејствија.
– Сите сме свесни дека мора да се смени ситуацијата на статус кво која тука не се менува. Постојано укажуваме на тврдења за корупција. Најчество слушаме за несоодветни влијанија врз судството, политичко влијание, незвисно дали е за назначување или разрешување на судии или е во поглед на одлговлекување на постапките. Потребно ни е да утврдиме и репери за мерка на напредокот и да најдеме начин да документораме ако додје до одредени назадувања. Главната приодобивка на оваа проценка и слични иницијативи е дека мора длабоко да се навлезе во резултатите. Имаме невидени наводни тврдења за корупција и овие тврдења се реални и навистина се прекумерни. Ова не е време да си ја терме работата како вообичаено, време е да се превземат храбри чекори. Добро да ги собереме заедничките ресурси, да видиме што ни кажуваат подтоците и да најдеме начин заедно да се бориме – рече Мејер.