Попладнево во Скопје марш за жртвите од Сребреница

Денеска, 11 јули, во Меморијалниот центар Сребреница, во БиХ, се одбележува 29-годишнината од геноцидот во Сребреница. Во Поточари ќе се одржи и погребот на уште 14 жртви од геноцидот. Најстарата жртва што била погребана имала 68 години, а најмладата 17 години.

Ова е прва годишнина откако Генералното собрание на Обединетите нации неодамна усвои Резолуција со која 11 јули е прогласен за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Македонија беше една од 84 земји кои гласаа „ЗА“ Резолуцијата, но според последните информации од новата Влада, засега нема никаква планирана програма, ниту е планиран буџет за активности.

Бошњачкиот национален совет (БНС) денеска во Скопје ќе го организира традиционалниот комеморативен „Марш за Сребреница“. Маршот ќе почне во 18 часот од Веро паркот во Чаир, ќе продолжи по булеварот „Џон Кенеди“, Старата чаршија, плоштадот „Филип Втори“ и ќе заврши на плоштадот „Македонија“ во 19 часот.

-Од 19 до 19.30 часот ќе има комеморативна програма по повод сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница, информира БНС.

Повеќе од 50 луѓе беа осудени на околу 700 години затвор за геноцидот во Сребреница, кој го изврши Армијата на РС и во кој беа убиени најмалку 8.372 Бошњаци. Според податоците од Меморијалниот центар Поточари од јули 2023 година, пронајдени и закопани се посмртните останки на 6751 жртва на геноцидот во Сребреница, додека по околу илјада жртви сè уште се трага.

Во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг го окарактеризира злосторството во Сребреница како геноцид, во кое во јули 1995 година беа убиени повеќе од 8.000 мажи и момчиња од тогашната енклава под заштита на Обединетите Нации.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави