Портокалов аларм, температури и над 40 степени, во Скопје зголемен број колапси на јавни места

Продолжува периодот на сончево и многу топло време со дневни температури кои наместа надминуваат и 40 степени.

Од Управата за хидрометеоролошки работи најавија дека од денеска до средината на следната седмица на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури.

Исклучок ќе има в недела, кога, според синоптичарите, во попладневните часови ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.

Доктор Рихад Реџепи, шеф на смена во Итната медицинска помош во Скопје за МИА изјави дека поради топлото време деновиве е зголемен бројот на интервенции при колапси на јавни места.

– Колабираат и помлади и повозрасни граѓани. Дневно имаме пријави за околу десетина колапси. Дали во автобус, дали на работно место. . .

Имаме и пораст на повици од лица кои бараат совети телефонски, рече Реџепи.

Претседателката на Здружението на приватни лекари, Лилија Чолакова Дервишова во изјава за МИА информираше дека поради топлото време, деновиве само во нејзината ординација биле однесени две лица со инфаркт.

– Забележително е дека луѓето имаат проблеми, особено оние со хронични заболувања. Нашите апели се да не се движат по горештините, сите обврски да ги завршуваат во раните утрински часови.

Препорачуваме многу лесна храна, да се избегнува јадење количински во топлите часови. Граѓаните да внесуваат многу течности преку ден, вели Чолакова Дервишова.

Од Институтот за јавно здравје препорачуваат граѓаните во овие ексремно толи денови со себе да носат шише вода, да имаат на себе лесна, светла и комотна облека, да се тушираат со посвежа или млака вода кога чувствуваат дека им е топло, да се носи капа, шешир или чадор за заштита, доволно да се спие, да се јаде овошје и салати, да се избегнуваат алкохол, кафе, чај, како и топла, зачинета и солена храна што може да дехидрира.

Надлежните советуваат активностите на отворено да се спроведуваат пред 11 и по 17 часот. При престој на отворено, да се биде во сенка.

Доколку се престојува во затворен простор со вклучено ладење од клима уред, препорачливо е да се исклучи климата барем половина час пред да се излезе надвор на топло.

Тоа, со цел човекот полесно да се адаптира на температурната разлика.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави