Скопската градоначалничка Данела Арсовска го потпишала договорот за изградба на пречистителна станица, што беше повод за нејзиното раскинување на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, која ја поддржи нејзината независна кандидатура на локалните избори, дознава „Фокус“.
Инаку, Арсовска лани во септември го разреши директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински, обвинувајќи го за несовесно постапување за тендерот за пречистителна станица, што беше вовед во жестоки судир меѓу довчерашните соработници.
Откако покрена промена во евалуационата комисија, Арсовска го обвини Перински дека сакал да ги стави рачињата во медот, алудирајќи на коруптивни мотиви при спроведување на тендерската постапка за витален проект, финансиран од Европската инвестициска банка.
Перински ги отфрли ваквите обвинувања и посочи дека за време на неговата работа го следел единствено законот и мислењето на релевантните институции, а за сите дејства го известил кредиторот на проектот тежок 160 милиони евра.
Сепак, на крајот овој проект ќе се реализира, што беше јасно уште при крајот на минатиот месец, кога рече дека станува збор за најголемиот еко-капитален проект во државава и во регионот.
-Од една страна е тоа што ќе имаме прочистување на над 90 проценти од урбаните отпадни води во градот Скопје, а од втора страна затоа што комплементарно се надополнува со сите останати работи коишто ги тераме како проекти во овие неколку години, а тоа е отпочнувањето конечно на справување со проблемот со тоа што веќе верувам сите го знаете како детектирен предизвик а тоа е дека 60 проценти од водите практично завршуваат не кај корисниците, односно се одлеваат од нашата мрежа – појасни Арсовска.