Речиси во сите скопски населби овој викенд контејнерите беа преоплни, а околу нив имаше уште повеќе ѓубре. Дел од граѓаните се неодговорни но и Комунална хигиена не си ја заврши работата со навремено расчитување на контејнерите иако преку соопштение тврдат дека преку викендот собрале 40 метри кубни отпад.
Во скопската општина Ѓорче Петров повторно се врати проблемот со ненавремено собирање на ѓубре и смет од контејнерите, слична беше состојбата во Центар, но и во Аеродром.
Преполните контејнери низ оштината на вакви пеколни температури можат да бидат и извор на зарази кај животните а потоа и кај луѓето.
Поради неаужурноста на службите но и поради неодговорноста на поединци, речиси и да нема населба во општината каде не се формирани мини диви депонии.
Од ЈП Комунална хигиена-Скопје тврдат дека веќе извесен период се соочуваат со појавата на масовно непрописно исфрлање отпад во непосредна близина на садовите наменети за одлагање на комуналниот отпад. Дивите депонии околу контејнерите настануваат во периодот кога садовите се сосема празни и отпадот може да се одложи во нив.
-Во текот на изминатиов викенд, екипите на Претпријатието отстранија приближно 40 кубни метри отпад одложен до контејнерите на булеварот Крсте Мисирков – во близина на т.ц. Мавровка, на улиците Џон Кенеди и Христијан Тодоровски-Карпош во општината Чаир, Народен фронт, Даме Груев, Партизанска и Митрополит Теодосиј Гологанов – во општината Центар, како и на улиците 1510 и Христо Татарчев во скопската општина Кисела Вода.
Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена-Скопје апелираат да престане тенденциозното непрописно и несовесно исфрлање отпад на јавни површини. Уште еднаш потсетуваме дека секое одлагање отпад надвор од наменски поставените садови претставува директно прекршување на Законот за јавна чистота, а сторителите подлежат на санкции. Ваквото однесување го загрозува јавното здравје и значително ја зголемува опасноста од ширење заразни болести, особено во летниот период, велат тие.