На денешното отворање на понудите што се одржа во Град Скопје, приватните превозници аплицирале за трите пакети линии со три нови фирми, кои, во меѓувреме, ги регистрирале. Јовица Зафировски, претставник од новофомираното Координативно тело на приватни превозници, рече дека се пријавиле за трите пакети линии.
И тоа за првиот пакет преку „Јофи бус“, за вториот пакет преку фирмата „Вестор транс“ и за третиот пакет линии преку „Радост компани“. Тој изрази надеж дека од април повторно ќе сообраќаат по скопските улици.
Постапката за евалуација на понудите би требало да трае од пет до шест дена, кога ќе се знаат конечните резултати.
Комисијата за еваулација ќе изготви извештај со предлози на кои ќе им бидат доделени линиите, по што градоначалничката Арсовска ќе го има конечниот потпис на решенијата за секоја линија од доделениот пакет.
– Градот Скопје и избраниот подносител на пријава склучуваат договор во рок од осум дена од денот на приемот на известувањето за конечноста на решението. Ако избраниот подносител на пријава не се јави во рокот наведен во поканата за склучување, односно потпишување на договорот, Градот Скопје ќе определи нов термин, кој не може да биде подолг од пет дена од денот на приемот на известувањето за новиот термин. Доколку не се јави и не го потпише договорот ниту во новиот термин, ќе се смета дека се откажал од доделената линија, а донесеното решение ќе се поништи и ќе се наплати доставената гаранција за учество на јавниот оглас – стои во јавниот оглас.
Град Скопје бараше превозници за три пакети линии. Во првиот пакет се опфатени линиите со броевите „23“, „45“, „61“, „63“ и „73“, за чие опслужување се потребни најмалку 35 автобуси и 76-мина возачи. Вториот пакет се однесува на превоз на линиите „9“, „11“, „11а“, „12“, „47а“ и „55“. За автобусите да може редовно да сообраќаат на овие релации, потребни се 39 автобуси и 83 возачи. Третиот пакет ги опфаќа линиите „19“, „20“, „22“, „52“ и „54“, за што се бараат вкупно 41 автобус и 87-мина возачи.
Претходно Град Скопје објави два јавни повика за распределба на два пакета линии, но на нив не се јави ниту еден од приватните превозници.