Search
Search

Продолжува хаосот во јавниот превоз, Арсовска петти месец го „вежба“ трпението на Скопјани

Почнува петти месец како скопјани имаат проблем со јавниот превоз кој е во тотален хаос бидејќи приватните превозници не сообраќаат, а ЈСП нема доволно автобуси, а и тие кои ги има се полусиправни.

Во овие пет месеци е голем предизвик да се стигне на работа, во училиште, на лекар или пак да се заврши некоја потреба. Апликацијата за возен ред не работи, автобусите доаѓаат некогаш на секои 40 минути, некогаш на еден час, а и кога ќе дојдат се распуваат по само две поминати станици. Возачите се нервозни, без одговор на нервозата на патниците на кои животот им се претвори во вежбање трпение за чекање.

Инаку градоначалничката Данела Арсовска откако го раскина договорот со приватните превозници, тврдејќи дека е штетен, преку јавен повик сакаше да обезбеди 100-тина возачи и 50 приватни автобуси но со лимитирани автобуски линии.

Приватните превозници чекаат Град Скопје повторно да распише оглас за доделување пакет-линии и за давање дозвола за линиски превоз на патници. Во комуникациите што ги имале со Арсовска добиле информација дека ќе биде распишан нов оглас, откако двата претходни пропаднаа, бидејќи на нив не се јави никој, а приватните превозници револтирани од тоа што Град Скопје, односно ЈСП не им го исплаќа долгот, ги бојкотираа.

Тие сега чекаат нов повик кој им бил ветен, но не знаат кога ќе се случи, а од Град Скопје пак молчат. Редакцијата на ЦИВИЛ Медиа испрати прашања кога ќе биде објавен новиот повик до кабинетот на Арсовска, а во телефонски разговор оттаму потврдија дека ги примиле, но одговор веќе неколку дена не пристигна.

Чекаме да се распише нов јавен  оглас за сите линии кои ги возат приватните превозници, па да аплицираме со понуда, вели за ЦИВИЛ Медиа Јовица Зафировски, член на новоформираното Координативно тело на приватните превозници.

Тој вели дека најбитно е што е остварена комуникација со Град Скопје и затоа им е оставено време да се реализира ветеното, бидејќи најважно е дека сопствениците на автобусите се подолг период без приход и навистина сакаат да се вратат на скопските улици.

Што рече Арсовска, а што прави?

Арсовска на почетокот на месецот ги прими на разговори претставниците на новиот совет на приватните превозници, а тие после средбата рекоа дека добиле позитивни сигнали од градоначалничката Арсовска за да се вратат на работа и да им се плати долгот. Но, не открија детали како ќе се најде решение и кога автобусите ќе се вратат на улиците на главниот град.

-Верувам дека со приватните автобуски превозници треба да се разговара и за сите проблеми да се најде решение, меѓутоа тоа во ниту еден случај не смее да биде на штета на Градот Скопје, а Градот и скопјани претрпеа сериозна штета од нивните постапки и однесување. Објавивме јавни повици на коешто викавме сите коишто имаат намера и коишто декларативно кажуваат дека и претходно чесно работеле и чесно ја вршеле својата дејност и сега да пристапат кон тоа и да можат да ја работат чесно работата во којашто практично се вложиле себеси или инвестирале за да ја вршат како дејност. Меѓутоа, за жал, никој од нив не се охрабри, не се појави на тој јавен повик, со што сметам дека оваа тема е и затворена, истакна тогаш Арсовска.

Директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски пак во исто време на почетокот на месецот изјави дека се повлекол од преговорите за да не биде пречка за некаков договор со Арсовска, но очекува исплата на долгот кој го има ЈСП Скопје кон приватните превозници.

Сепак, Јовановски не верува дека ќе се реши проблемот во скоро време.

-Познавајќи ги потребите и барањата на приватните превозници, и да се реши претпоставувам дека нема да биде во тој формат во кој што очекуваат и се надеваат. Сепак, дај боже да не сум во право, нели нормално. Јас сметам дека во позадина се други интереси и игри и кои ќе ги покаже времето. Ако сега гледаме од тоа како почна и се што се изнесе од страна на градоначалничката која што цело време јавноста ја замајуваше со лаги и ништо од нејзините тврдења не испадна точно, претпоставувам дека сето тоа е со некоја цел. Сигурно некој кога лаже не го прави од забава. Се покажа дека тоа што цело време го зборував е точно. Доста мене ме лажеше и медиумите, сега да видиме дали ќе ги излаже и превозниците, рече тогаш Ленин.

Судското рочиште дури во април

Приватните превозници последните месеци од минатата година протестираа блокирајќи неколку сообраќајници во главниот град и барајќи исплата на заостанатите долгови. Откако не наидоа на разбирање кај градоначалничката на Град Скопје, побараа прием кај премиерот Димитар Ковачевски.

Во меѓувреме, двете здруженија на приватни превозници го тужеа ЈСП за долгот, тие бараат еден милион евра од Град Скопје, поточно од ЈСП, сепак иако закажано за февруари судското рочиште на „Слобода превоз“ и ЈСП по барање на скопското јавно претпријатие поради тоа што не им било готово вештачењето на тужбата се одложи за април.

„Слобода превоз“ пред два месеци известија дека долгот постои и дека тоа го потврдила контролата на УЈП. Имено, како што велат, до нив е доставен записникот од УЈП во кој не се утврдени никакви неправилности и констатации кои водат кон промена на основата за оданочување. При контрола на сметководствената евиденција на претпријатието утврден е вистинскиот долг на ЈСП кон „Слобода Превоз’, кој заклучно со 28.11.2022 г. изнесува 61.821.504 денари.

Што рече анкетата на ИРИ за Арсовска?

Во последната анкета на ИРИ од декември во која се истражувани и состојбите во Скопје, испитаниците во 57 отсто се „целосно незадоволни или донекаде незадоволни“ од работата на градоначалничката Данела Арсовска, а сличен е процентот и за работата Советот на Град Скопје – 54 проценти.

Од работата на Арсовска се целосно или донекаде задоволни 39 отсто, а за Советот на Град Скопје се изјасниле 30 проценти.

Во оваа истражување како најголем проблем што ги мачи скопјани и кој прв го наведуваат е урбаното планирање и развојот. Него како прв го споменале 21 отсто од испитаниците, додека загадувањето и јавната хигиена се подолу на листата – со 8 и 4 проценти.

Соња Танеска

АКТУЕЛНО