Огромни профити направиле производителите на леб и печива во текот на минатата година, објави порталот „Пари“ повикувајќи се на податоците од Бизнис Мрежа.мк. Според податоците, најголема добивка направил „Диме“ 715.000 евра и таа е поголема за 315.000 евра во однос на 2021 година, кога профитот им изнесувал околу 400.000 евра. „Специјал“ го има второто „почесно“ место по добивки и заработил 138.000 евра.
И „Специјал“ лани направил поголема добивка отколку во 2021 година кога имал профит од 64.000 евра. На „Жито леб“ му се намалила добивката во однос на 2021 година, но сепак направил профит од 131.000 евра. На „Силбо“ добивката речиси му се преполовила, но тоа значи дека во плус во 2022 година бил 126.000 евра. Водечката компанија во овој бизнис. „Жито Лукс“ и минатата година ја завршил во минус. Негативниот резултат на компанијата во 2022 година бил 134.000 евра, а во 2021 година бил 287.000 евра.
Профитите на компаниите од пекарската индустрија се заработени во годината со економските последици од пандемијата, но и кога почна војната во Украина што донесе висока инфлација со дивеење на цените на пченицата на светските берзи и голема
енергетска криза која не беше предизвикана од недостиг на електрична енергија, туку од нејзината висока цена. Во такви услови, компаниите од пекарската индустрија беа дежурни во медиумите, алармирајќи дека едвај опстојуваат, дека им треба државна помош, дека мора да го поскапуваат лебот. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат пораст на просечните цени во ставката „Леб и жита“ за 30,8 проценти во 2022 година во однос на 2021 година.