Рускиот претседател Владимир Путин денеска и се обрати на нацијата по повикот на шефот на паравоената група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, на вооружен бунт и навлегувањето на платенички сили во градот Ростов на Дон, велејќи дека тоа е „предавство“ и вети дека ќе „го брани народот“ и Русија.
Путин рече дека бунтот претставува „смртоносна закана за државата“ и вети дека како одговор ќе преземе „строга акција“. „Сите оние кои го подготвија бунтот неизбежно ќе бидат казнети.
Вооружените сили и другите владини агенции ги добија потребните наредби“, рече Путин. Путин изјави дека бунтот на групата „Вагнер“ е „смртоносна закана“ за руската држава и истакна тоа претставува „нож во грбот“ на руската држава“ Тој постапките на Пригожин ги нарече „предавство“, но без да го спомене името на шефот на приватната платеничка компанија „Вагнер“.
Ги повика оние „кои се вмешани во ова злосторство да не прават трагична грешка, единствена грешка, да го направат единствениот правилен избор и да престанат да учествуваат во овие криминални дела“. Путин го осуди повикот на бунт во време кога Русија „ја води најтешката битка за својата иднина“ со „интервенцијата во Украина“, како што вообичаено ја означува руската инвазија врз Украина. „Целата воена, економска и информативна машинерија на Западот е насочена против нас“, рече Путин. „Оваа борба, кога се решава за судбината на нашиот народ, бара обединување на сите сили, единство, консолидација и одговорност“, рече Путин, додавајќи дека вооружениот бунт во вакво време е „нож во грбот за Русија и за нејзиниот народ“.
„Оние кои го планираа и организираа вооружениот бунт, кои кренаа оружје против своите соборци, ја предадоа Русија и ќе одговараат за тоа“, рече Путин. Рускиот претседател посочи дека шефот на „Вагнер“ ги блокира цивилните и воените управни тела во клучниот јужен град Ростов на Дон. Пригожин утрината објави дека тој и неговите сили ги зазеле сите воени објекти во јужниот руски град Ростов на Дон. Руските безбедносни сили реагираа на најавите на Пригожин за вооружен бунт повикувајќи на негово апсење.