Заврши чистењето на четвртиот лот од малата депонија со линдан во ОХИС. Во периодот од март до јуни ископани се 450 тони на HCH отпад и 250 тони земја контаминирана со линдан. Целата количина е спакувана во специјализирани буриња во кои ќе се транспортира на конечно уништување.
Од Министерството за животна средина информираат дека 240 тони линдан ископани од четвртиот лот се веќе извезени, додека остатокот ќе биде извезен до крајот на месецов. Контаминираната земја, пак, од дворот на ОХИС ќе треба да замине до крајот на октомври. Исто така, целиот линдан и загадената земја кои се извадија од претходните три лота на малата депонија се веќе извезени надвор од државата. Според податоците од Министерството, се работи за 1,482 тони на HCH отпад и 337 тони на земја контаминирана со HCH.
„Ископувањето и пакувањето на количините во рамките на четвртиот лот е завршено, а сега се одвива чистењето на опремата и средување на локацијата. Расчистувањето на овој дел од депонијата е реализирано со средства обезбедени во Мултипартнерскиот фонд“, велат од Министерството, но не посочуваат дали во фондот има средства и за конечно довршување на чистењето. Информираат дека со фондот раководи УНОПС кои се задолжени и за мобилизирање на средства за проектот.
Од Министерството велат дека додека се работи на ископувањето на линдан, постојано се врашат и мерења на квалитетот на воздухот и на почвата во ОХИС и во околината. Мерењата на воздухот се вршат континуирано во текот на осумчасовно работно време на шест мерни локации во ОХИС и на две локации во резиденцијалниот дел во околината на ОХИС, а анализите на собраните примероци се вршат еднаш неделно. Мерењата на почвата се врши еднаш месечно на две локации во резиденцијалниот дел во околината на ОХИС, на истите локации од каде се земаат и примероците од воздух.
Чистењето на малата депонија со линдан започна во март 2022 година, а според првичните најави требаше да заврши за најмногу 18 месеци, или до крајот на минатата година. Според професорот Трајче Стафилов, кој има посветено повеќе научни трудови на историскиот отпад во земјава, меѓу кои и тој од ОХИС, гама изомерот на HCH, односно линданот, кој се користел како инсектицид е најтоксичен од сите изомери. Во фабриката, делта изомерот се депонирал на малата депонија, а алфа и бета изомерите како смеса, во големата депонија. Во еден дел од малата депонија при ископувањето беше откриена и мала количина на жива.
Малата депонија со линдан има околу 13.000 тони, додека во големата депонија се претпоставува дека има околу 50.000 тони линдан. Исто така, депонијата во месноста Пеленица кај Драчево исто така содржи огромни количини опасен отпад, околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло.