„Највело општина во Скопскиот плански регион“ е новата награда што ја воведуваат Здружението на граѓани „Центар за одржливи иницијативи“ во соработка со групата ентузијасти со цел подобро велосипедско Скопје – „НаТочак“.
Од таму ги повикуваат граѓаните кои користат велосипед како превозно средство или, пак, рекреативно, во главниот град и околината, да се вклучат во изборот за „Највело општина“ за 2023 година.
„Позитивните страни на користењето велосипед се бројни и веќе докажани. Една од нив е дека со возење велосипед, емисиите на стакленички гасови се намалуваат за дури 91% во споредба со возење автомобил. И покрај ова, развојот на велосипедскиот сообраќај во Скопје и околината се одвива премногу бавно и неодговорно во однос на климатската итност со која тоа треба да биде адресирано“, велат организаторите на наградата.
Своите искуства и ставови за тоа колку се (не)задоволни од велосипедската инфраструктура и бенефициите за велосипедистите кои се нудат во скопските општини, граѓаните може да ги споделат преку онлајн анкетата достапна на овој линк. Со ова, се очекува граѓаните да дадат поверодостојна, релевантна и сеопфатна слика за состојбата на терен.
Организаторите информираа дека покрај анкетата, предвид ќе се земат и одговорите на самите општини од Скопскиот плански регион, за инвестициите и активностите што ги презеле на ова поле, како и барањата за информации од јавен карактер до Министерството за внатрешни работи поврзани со безбедноста на општините.
„Преку наградата за „Највело општина во Скопски плански регион“ сакаме да бидеме поттик на локалните власти да се стремат кон создавање подобри услови за граѓаните на велосипед. Нешто кое се надеваме дека во иднина ќе прерасне во традиција“, велат организаторите на наградата.
„Највело општина“ за 2023 ќе биде општината која ќе докаже дека најмногу се грижи за развојот на урбаниот велосипедизам во своите рамки преку четири категории – инфраструктура, политики, буџет и јавна свест.