Седум месеци Арсовска си игра со трпението на скопјани, дали приватните превозници ќе се вратат на улица во јуни?

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска синоќа најави дека приватните превозници ќе се вратат на скопските улици и ќе почнат да возат до крајот на месецов.

Арсовска  рече дека сè уште не се потпишани договорите со нив, бидејќи траат проверките на автобусите и документацијата на сите фирми кои конкурирале за добивање на работата.

Колку време ќе трае овој процес не се знае

„Она кое го имавме како постапка, беше прекинато во два наврати. Имаа недостатоци во документацијата, сега им е целосна документацијата, и во рамки на законски, јавниот повик е исполнет, договорот се склучува неделава, и очекувам скоро дека ќе се реши. Од прилика осум дена од потпишувањето на договорот приватните автобуси ќе се вратат на улиците и очекувам тоа да биде кон крајот на овој месец. Мислам дека и пред почетокот на јуни ќе бидат исполнети условите“, рече Арсовска во емисијата „10 минути“.

Арсовска соопшти и дека системот на исплата на превозниците е подобрен. Сега парите директно ќе им се исплаќаат на сметките поединечно на секој превозник за да нема систем „тебе олку, тебе толку“ и жалби од превозниците.

– Ние сме платиле до последно. Ние им ги плаќавме парите авансно, еден месец однапред за да имаат средства да возат наредниот месец, тоа се големи пари, по 400.000, 500.000, 600.000 евра однапред – нагласи Арсовска.

Сепак според извори на Градска.мк новиот систем на плаќање, не е соодветен бидејќи на огласот приватните превозници се јавуваат како група превозници која ја претставува еден превозник.

Тоа значи дека  99 отсто од превозниците не можат да ги исполнат условите за реализирање на обврските од пакет линиите, бидејќи немаат доволен број автобуси, возачи и друг кадар, а тоа значи дека приватните превозници нема да го прифатат новиот систем на исплата  бидејќи тие знаат каков обем на работа имаат.

Исто така според извори на Градска.мк ако се применува нов начин, ќе треба да се менува одлуката за линиски превоз во Скопје или да се распише нов оглас на кој превозниците ќе се јавуваат како поединци за одржување на одделни линии.

Од друга страна, советникот во Град Скопје, Стефан Андоновски вчера соопшти дека Арсовска тајно ги платила долговите кон приватните превозници, но го држи градот во клинч бидејќи не сака да потпише нов договор.

Тој рече дека ЈСП се обидува да покрие она што покривале и повеќе од стотина автобуси и оти градоначалничката рекла дека градот нема да биде блокиран, но, нагласи, граѓаните не можат да стигнат на своите работни места, со саати се чека на автобуските постојки, а автобусите се преполни.

Градска.мк во неколку наврати испрати прашања до Град Скопје и до портпаролката Кристина Депо околу тоа што се случува со приватните превозници, но одговор не добивме.

Она што е интересно е тоа што ако при претходните два огласи превозниците одговараа на прашања на медиумите и тие сега молчат.

С.Т.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави