Search
Search

Скопјани и натаму ќе чекаат автобуси со часови, Арсовска објави нов оглас за приватните превозници

Иако според најавите овие денови се очекуваше градоначалничката Данела Арсовска да соопшти кому се доделени трите пакет-линии за превоз на 16 автобуски линии, со што конечно би се нормализирал јавниот превоз во Скопје, таа денеска објави нов јавен оглас, односно го повтори оној што беше објавен на 6 март, со истите побарувања и услови како во претходниот.

Тоа значи дека претходниот оглас пропаднал, поточно бил неуспешен, засега од непознати причини, кои градоначалничката би требало да ги објасни наредниве денови. Нејасано е што е она што се случило во периодот од отворање на понудите на 27 март до денес, затоа што, според изјавите на Јовица Зафировски, кој ги предводеше преговорите со Град Скопје, приватните превозниците очекуваа наскоро даа се вратат на улиците. Тој дури и објасни дека се пријавиле за сите три пакети преку три фирми „Јофи бус“, „Вестор транс“ и преку „Радост компани“. Денеска Зафировски беше недостапен на својот телефон.

Според денешниот оглас, исто како и претходно, се бараат превозници на 16 линии, поделени во три пакети. Во првиот пакет се опфатени линиите со број 23, 45, 61, 63 и 73, за чие опслужување се потребни најмалку 35 автобуси и 76 возачи. Вториот пакет се однесува на превоз на линиите 9, 11, 11А, 12, 47А и 55. За автобусите да можат редовно да сообраќаат на овие релации, потребни се 39 автобуси и 83 возачи. И третиот пакет ги опфаќа линиите 19, 20, 22, 52 и 54, за што се бараат вкупно 41 автобус и 87 возачи.

И според новиот оглас доделувањето на линиите ќе се изврши по пат на евалуација на поднесените пријави, врз основа на утврдени критериуми наведени во документацијата за јавениот оглас што ќе се одржи на 27 април во 12 часот во барака број 13, а како што се наведува во огласот, пакетите линии ќе се доделуваат за период до две години, со можност за продолжување, но не повеќе од вкупно пет години.

Критериумите за избор на најповолна пријава, начинот и постапката подетално се дадени во документацијата за јавниот оглас, а генерално ќе се вреднуваат според следниве критериуми: возен парк, човечки ресурси, техничка логистика и искуство во вршење на општински линиски превоз на патници – се наведува во огласот.

Проектот за БРТ никогаш не започна да се реализира, а Арсовска, која по преземањето на функцијата изјави дека нема да има БРТ, неодамна го смени мислењето и изјави дека проектот се ревидира, отстранети биле недостатоците и дека е во почетна фаза, без да прецизира кога би стартувал на терен.

Во меѓувреме, Арсовска направи два обида да се „избори“ за набавка на нови автобуси со задолжување од 10 милиони евра во некоја од домашните банки, но беше одбиена од советниците во градскиот Совет. Дури и ЈСП во својата амбициозна Програма за инвестиции годинава испланирало набавка на дури 100 нови автобуси за 65 милиони евра преку субвенции.

Соња Танеска

 

 

 

АКТУЕЛНО