Епидемиологот Д-р. Драган Даниловски, на Фејсбук објави детална анализа за тигрестите комарци,чиј број станува се поголем во земјава, и нагласи зошто авионското прскање против комарци не е ефикасно.
“Пред неколку дена ми падна в очи еден напис во “The Washington Post”, за појава на епидемија на болеста денга во Перу (население 33,7 мил.), со рекордни 110.000 заболени, што директно го поврзуваат со обемни дождови во претходниот период и повисоки температури заради климатските промени.
Инаку, болеста се пренесува со помош на комарци, особено т.н. тигрести комарци (Aedes albopictus). Колку повеќе врнежи, толку повеќе комарци – и толку повеќе заразени. Епидемијата е предупредувачки знак за земјите во тропските предели, бидејќи климатските промени носат топло и влажно време, што обезбедува идеални услови за размножување на комарците.
Но, тоа е предупредување и до сите други на планетава. Глобалното затоплување си го прави своето. Со порастот на просечните температури и влажноста, се менуваат еколошките услови во околината, кои стануваат поволни за размножување и ширење на цела лепеза артроподи (инсекти, крлежи), кои претставуваат вектори за огромен број вируси.
Драматичната глобална експанзија на тигрестиот комарец се должи, пред сѐ, на човечките активности, особено трговијата со половни гуми и пасивниот транзит преку јавен и приватен транспорт. Втора причина е неговата извонредна еколошка пластичност и компетитивност.
Од средината на 1960-тите, тигрестиот комарец се проширил во Европа, обете Америки, Карибите, Африка и Блискиот Исток. Откако се има етаблирано во Албанија (1979), потоа, во Италија и на Азурниот брег во Франција. Познато е дека Ае. albopictus се проширил во Грција, Шпанија и балканските земји, Швајцарија, Шпанија, Холандија и Малта. Најден е и во јужна Германија, Австрија, Чешка и Словачка, Словенија, Русија, Турција и Романија. Во САД е внесен, исто така, преку трговија со половни гуми.
Во Македонија првпат е докажан во 2016 година на границата со Грција. Сега веќе е доминантен вид, зашто, практично ги има потиснато другите „домашни“ видови комарци.
Карактеристично е што женките касаат по цел ден, а не како другите, само наутро и навечер. Исто така, за положување на јајцата не му се потребни големи површини застојана вода, туку доволни се и мали количини, на пример, во саксии за цвеќе, вазни, контејнери и автомобилски гуми, барички вода во дворот. Агресивен е и создава посилни алергиски реакции кај луѓето, отколку „домашните“ комарци.
Затоа, авиодезинсекцијата во населените места, која се спроведува секоја година по неколку пати е „сизифовска“ работа, зашто, едноставно, не може да биде успешна и треба да се укине. Зошто? Затоа што ги уништува само оние комарци кои во моментот се во воздух. А, знаеме, постојат и ларви… Таа треба да се применува само во ненаселени подрачја или при елементарни непогоди.
На прагот сме на летото и на интензивна активност на тигрестите комарци. Иако е малку веројатно да пренесат егзотични болести (види погоре) кај нас, сепак, реално, ќе предизвикуваат тешки непријатности, заради целодневното агресивно касање.
Оттаму, мислев дека нема да биде на одмет едно укажување до надлежните за потребата од менување на стратегијата за превентивна дезинсекција, како и потсетување на граѓаните за индивидуалните мерки за заштита.”напиша тој.
Во меѓувреме,градот објави дека денес и утре, во раните утрински часови ќе се реализира втората фаза од авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против возрасни форми на комарци.