Со 50 гајдаџии во Прилеп отворен 50. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“

Со дефиле на 50 гајдаџии од цела Македонија на возраст од 5 до 95 години, синоќа на летната сцена на плоштадот Александрија во Прилеп беше отворен 50-тиот, јубилеен Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Преку 250 изведувачи на изворниот мелос во првата и во втората фестивалска вечер, во Прилеп и на Рудина, Долнени ја презентираат љубовта спрема фолклорните традиции.

Речиси 80-годишниот Здравко Андонов од Ињево, Радовишко од 16-годишна возраст е со гајдата.

-Многу сакам да свирам на гајда. Сум учествувал на многу фестивали, сум гостувал и во Англија. Овде на Фестивалот „Пеце Атанасовски“ многу ми е убаво. Се дружиме, разменуваме мислења за изворниот мелос. И така треба да биде, рече гајдаџијата Здравко Андонов.

Никола Стојов од Оризари, Кочанско е млад гајдаџија, ама љубовта спрема изворниот мелос, смета, се наследува.

-Ги гледаме, ги слушаме повозрасните и сакаме да свириме, да ги негуваме и чуваме традициите, вели Стојов.

На првата фестивалска вечер во Прилеп настапија 16 групи изведувачи од цела Македонија.

-Фестивалот е еден од ретките фолклорни фестивали кој може да се пофали со голем јубилеј. Ги негуваме фолклорните традции, а го имаме и Семинарот за изучување на народните инструменти и песни на кој учат млади веќе 13 години. Тоа е наша голема радост и сериозно сме посветени на негувањето, зачувувањето и пренесувањето на помладите на богатиот изворен мелос, рече Горан Василески, претседател на Фестивалот.

На првата фестивалска вечер, настапи и вокалноинструменталниот состав при националниот ансамбл „Танец“.

Денеска во 11 часот во Спомен-куќата во Долнени ќе биде потпишан меморандум за соработка со културноинформативниот центар „Небрегово“ и со манифестацијата „Зборникот на Конески“, а од 19 часот е втората фестивалска вечер. Ќе бидат доделени Гран при наградата за најдобар изведувач и Гајдата на Пеце што ја доделува општина Долнени за најдобриот гајдаџија на Фестивалот.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави