Девојчето кое се потсмеваше со жртвите од масакрот што се случи во ОУ „Владислав Рибникар“ во Врачар на ТикТок е приведено во полиција на информативен разговор.
– Се работи за малолетничка. Со неа е извршен информативен разговор. Против родителите ќе биде поднесена соодветна пријава, но за тоа одлучува обвинителот, соопштија од МВР.
На социјалните мрежи се шири видео од девојче кое оди во живо на ТикТок и дава поддршка на малолетниот К. К. кој уби осум ученици и чуварот во училиштето во Врачар, а рани седум лица.
На видеото се слуша и како се потсмева на жртвите на злосторството.
Во Нови Сад полицијата приведе тројца малолетници на возраст од 15 и 16 години поради загрозување на безбедноста и предизвикување паника.
Тие на социјалните мрежи објавија заканувачки пораки и фотографии на оружје што ќе го понесат на училиште.
МВР денеска повторно апелираше до родителите да ги држат децата под контрола на социјалните мрежи.
– Почитувани граѓани, во светло на сите немили настани, повеќе од кога било досега, неопходно е да се зачува разумноста и стабилноста, особено кон нашите деца кои следат информации од различни извори и медиуми, се наведува во соопштението на МВР.
Од таму апелираат детските профили на социјалните мрежи да бидат под родителска контрола, во поглед на следење на содржините до кои детето пристапува, со кого и како комуницира и во кое време.
– Да бидеме присутни и обединети во надминувањето на ситуацијата која ги вознемири и длабоко ги потресе сите граѓани на Србија, се вели во соопштението.
На денот кога беа убиени осум ученици и чуварот во основното училиште „Владислав Рибникар“, се појави видео на кое децата „си играат“ така што пукаат на соучениците во училницата, на ист начин како што се случи неколку часа претходно во Врачар.
Посебно сурови беа реакциите на децата на социјалните мрежи кои се шегуваа со смртта на децата и го фалеа убиецот. Во низа коментари на социјалните мрежи, врсниците на К. К.
ја оценија трагедијата како нешто позитивно со фрази од игри како „мега килл“, „коунт килл“, „8 убива убаво“ и убиецот го именуваа како „цар“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера изјави дека во четвртокот имало 25 интервенции на територијата на Србија „поради страшното однесување на младите кои го имитирале убиецот и уште 20 лажни пријави“.
– Нашите полицајци и служби не можат да постигнат секого да го уапсат, а ние мораме да одговараме за секого, рече Вучиќ на прес-конференцијата, како и дека ќе бидат проверени 45.
000 профили на социјалните мрежи „на оние кои имаат симпатии кон убијците“. Тој додаде дека ќе се подигне нивото на разузнавачка и контраразузнавачка заштита низ целата земја.
– Ќе треба да работиме согласно мерките донесени пред два дена. Некои од тие дарк нет сајтови и сè останато оди во минатото, и сите вие што го сакате чудовиштето да објасните зошто ви се допаѓа.
Секој што вели дека има спас во пукањето и дека има нешто релаксирачко во тоа ќе оди во затвор.
И во ова ќе бараме поддршка од судии и обвинители, а не да се мачиме да добиеме налог за претрес на станот на убиецот и таму да не најдеме ништо додека ја чекаме потерницата затоа што тоа не е во согласност со европските стандарди.
Не е? Е, ќе биде сега, рече Вучиќ.