Студија: Поради екстремните горештини Летните олимписки игри се речиси „невозможни“

Во најновиот извештај на непрофитната организацијата „Клајмат централ“ (Climate Central) и 11 олимпијци се предупредува на опасностите од екстремните високи температури на овогодишните Олимписки игри во Париз.

Во извештајот под наслов „Огнени прстени“ се истакнува дека условите во Париз би можеле да бидат полоши од последните Олимписки игри во Токио во 2021 година. Интензивните горештини на Олимписките игри во Париз во јули-август 2024 година би можеле да доведат до колапс на натпреварувачите и во најлош случај до смрт.

Во студијата се посочува дека и голем број спортисти побарале приспособување на распоредот и времето на натпреварите поради физичкиот напор на натпреварувачите на високи температури на воздухот предизвикани од глобалното затоплување.

„Огнени прстени“ ги повикува организаторите на натпревари, што вообичаено се одржуваат во лето, како што се Олимписките игри или Светското првенство во фудбал–повторно да размислат за нивниот распоред. Во извештајот, исто така се апелира до организаторите да обезбедат подобрени планови за рехидратација и ладење за спортистите и навивачите за да се избегне ризикот од топлотен удар.

Олимписките игри во Париз ќе се одржат од 26 јули до 11 август, најтоплите месеци во главниот град на Франција.

Минатата година во Франција починаа над 5.000 луѓе поради високите температури на воздухот, што се искачија над 40 степени Целзиусови.

Непрофитната организација „Клајмат централ“ е составена од академици од британскиот Универзитет во Портсмут.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави