Search
Search

Тајните купувачи реферираа: Хрватска станува „европски контејнер за стоки од трета класа“.

Во Хрватска се продава катастрофално лоша храна. Во продавниците се шири смрдеа од полураспаднато овошје и зеленчук, има производи со поминат рок и производи кои изгледаат сомнително.

Ова го заклучиле тајните купувачи, кои во петокот и саботата посетиле 22 продавници во Загреб и околината, од кои купувале разни стоки, како овошје и зеленчук и месни производи. Потоа рапортирале: Хрватска станува „европски контејнер за стоки од трета класа“.

Активисти на Граѓанската иницијатива „Квалитетна и безбедна храна во Хрватска“, како што пренесува Пословни.хр, во редовно работно време ги посетиле сите поголеми трговски синџири и независни продавници, а пред медиумите изложиле дел од купеното – полураспаднато овошје и зеленчук од кое се шири смрдеа и пакувани месни производи небезбедни за консумирање.

-Во сите 22 продавници пронајдени се производи со поминат рок кои не требало да се на полиците, голем број производи имале сомнителен изглед или нивните цени не одговарале на оние што потрошувачите требало да ги платат на касата, изјави Јосип Келемен, еден од активистите и советник во редакцијата „Ало, инспекторе“.

Тој исто така информирал дека попустите во одредени трговски синџири се однесувале на расипана храна која не треба да се јаде дури и со термичка обработка. Своите наоди тајните купувачи ги документирале со сметки и снимки од сè.

Акцијата е спроведена, вели Келемен, бидејќи има исклучително голем број поплаки од потрошувачите за квалитетот и безбедноста на храната, за промотивните цени и за продажбата на производи со истечен рок на траење.

Одговорноста за ставање на вакви производи на полиците, посочува, ја имаат трговците и раководителите на експозитурите кои требало да вршат надзор и да кажат дека не се пушта во продажба, но, обезбедени се изјави од поранешни и сегашни вработени во одредени трговски синџири кои рекле дека раководството им наредува на трговците да стават во продажба нешто што не треба.

Заклучоците на тајните купувачи ќе бидат пријавени во Државниот инспекторат и Хрватската агенција за земјоделство и храна.

Експертот за заштита на потрошувачите и член на ХСУ, Ема Цули, која е и кандидат на изборите за ЕУ вели дека Хрватска морала да донесе строги регулативи на ЕУ во областа на заштитата и здравјето на потрошувачите, но нивното спроведување не е добро.

-Ќе се залагаме Хрватска да не стане контејнер со третокласна храна, со сомнителен квалитет, која е штетна за нашето здравје, за здравјето на лицата со понизок социјален статус, за пензионерите, но и за мајките и децата, рекла Цули и додала дека основачите на трговски центри и супермаркети во земјите членки на ЕУ сигурно не продаваат такви производи бидејќи плаќаат високи казни.

АКТУЕЛНО