Три компании од постоечките 135 во иднина ќе ги претставуваат приватните превозници бидејќи автобуските линии се поделени во три пакети, вели за ЦИВИЛ Медиа Јовица Зафировски, претставник на превозниците.
За Пакет -1 (23,45,61,63,73) претставник ќе биде „Јофи бус“, за Пакет-2 (9,11,11а,12,47, 55) „Веспор транс“ и за Пакет -3 (19,20,22,52,54) „Радост компани“, а утре планираме да ги доставиме документите за огласот кој го распиша Град Скопје на кој планирано е да конкурираат 210 возила, појаснува тој.
Град Скопје, како што најави, пред еден месец објави јавен повик со кои се бараат превозници на дури 16 линии. Линиите се поделени во три пакети, за кои се наведени и минималните потребни техничко – технолошки елементи за одржување на линиите.
Според огласот, во првиот пакет се потребни најмалку 35 автобуси и 76 возачи, за вториот пакет се потребни се 39 автобуси и 83 возачи, а за третиот пакет се бараат вкупно 41 автобус и 87 возачи.
Станува збор за линии на кои на повеќето до пред пет месеци возеа само превозниците од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, а по нивниот протест и откако им беа прекинати договорите поради неизвршување на обврските, нив ги „покриваше“ ЈСП Скопје. Сега, според објавениот оглас и во наредниот период по изборот на превозниците само на дел од овие линии ќе сообраќаат заеднички и приватниците и ЈСП и тоа, како што е наведено на линиите 9, 19, 22, 62, 61 и 63, додека на останатите 10 линии од огласот ќе возат само приватниците што ќе бидат избрани на огласот.
Сепак, враќањето на приватните автобуси на улиците нема да се случи толку рано бидејќи отворањето на понудите ќе се одржи точно напладне на 27 март во Град Скопје.
Доделувањето на пакетите – линии утврдени во точка 1.2 на овој оглас, ќе се изврши по пат на евалуација на поднесените комплетни и навремени затворени пријави, врз основа на утврдени критериуми наведени во документацијата за јавен оглас. Отворањето на поднесените затворени пријави ќе се одржи на ден 27 март 2023 година во 12 часот во барака број 13, се вели во огласот.
Пакетите линии ќе се доделуваат за период до две години, со можност за продолжување, но не повеќе од вкупно пет години.
Во однос на изборот на превозници што ќе го вршат јавниот превоз на бараните линии, во огласот се наведени неколку критериуми со кои ќе се врши изборот на најповолната понуда како што се возен парк, човечки ресурси, техничка логистика и искуство во вршењето на општински линиски превоз на патници.
На овој јавен повик, нема да можат да учествуваат „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ поради пречките кои произлегуваат од претходниот, сега раскинат договор кој предвидуваше забрана за учество на јавен повик доколку договорот се раскине пред истекот на истиот и по нивна вина, информираа од Град Скопје деновиве.
Соња Танеска