Ученици се натпреваруваа кој е најдобар раскажувач на книги

Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ и годинава ги собра најдобрите раскажувачи од основните училишта во земјава на супер финален натпревар кој, вчера се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.

На натпреварот во раскажување приказни учествуваа ученици во две категории – од 3 до 5 одделение и од 6 до 9 одделение. Секој пријавен натпреварувач имаше на располагање бесплатна онлајн обука за јавен говор. Со учество во натпреварувањето, децата се квалификуваат за запишување во Академијата за идни лидери „Ѓорѓи Марјановиќ“, која целосно е бесплатна.

Да се реализира визијата на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ – Македонија да стане пристојно место за живеење, според Александар Марјановиќ, основач и извршен директор, значи да се вложи труд во најмладите да развијат во лидери кои ќе донесат развој.

– Една од мисиите на Фондацијата е да создава генерации на идни лидери кои ќе бидат носители на развојот во земјата. Книгата ја поттикнува љубопитноста и желбата за знаење кај детето. Уште на почетоците од образованието детето треба да ја совлада вештината на читање на книгата, а ние сакаме таа вештина да им помине во навика. Да се прочита текст, да се разбере и пренесе преку раскажување на околината, ја развива имагинацијата, креативноста и интелектуалниот развој на детето, со што влијае и на неговите резултати во школувањето. Нашата мотивација е да ги поттикнеме младите да стекнат навика да читаат и да ја развијат вештината на вербално изразување, вели Марјановиќ.

Од Фондацијата објаснуваат дека учеството на натпреварот е бесплатно, а учесниците се натпреваруваат во раскажување на македонски јазик на прочитаните книги по сопствен избор, при што задолжителните лектири не се земаат предвид.

Победникот на натпреварувањето доби вкупна награда во вредност од 30.000 денари, односно 10.000 денари на штедна книшка Верверичка во Комерцијална банка, 6.000 денари вредносен ваучер од MY:TIME, 14.000 денари вредносни ваучери од издавачки куќи. Второнаградениот доби награда во вредност од 19.500 денари (6.000 денари штедна книшка Верверичка во Комерцијална банка, 4.000 денари вредносен ваучер од MY:TIME и 5.200 денари вредносни ваучери од издавачки куќи). За третонаградениот вкупнатана града е 11.200 денари.

Самиот натпревар е во две фази, при што првата фаза е со времетраење од 12 месеци. Во овој период учесниците читаат книги, ги раскажуваат пред врсници, додека родителот ги снима со мобилен и потоа ги доставуваат снимките. Втората фаза е супер финалето кое се одржа на Правниот факултет и учесниците пред публика и жири комисија раскажуваат приказни. На финалниот настан се оценуваа јавниот настап на учесникот преку дикција, интонацијата, флуентност, сценски настап и севкупен впечаток.

Натпреварот се реализира со одобрение на МОН, во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје и со поддршка на Филолошкиот факултет, Факултетот за драмски уметности, Институтите за македонски јазик и македонска литература, Македонската асоцијација на издавачи и Комората на психолози на Република Северна Македонија.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави