Ова е назапеметена работа, можам да речам катастрофа. Затечен сум и не знам што да кажам на прва, оти сум пред се збунет. Дали е ова можно? Дали навистина постои толкаво непочитување на уметнoста?“ реагира за „Трн“, Давор Кешкец, авторот на бетонските огласници кои пред пет години беа насликани со улична уметност, а Град Скопје сега ги користи како барикади за затворање на изгорениот мост.
Тој додаде дека од понеделник ќе реагира и официјално за ваквиот непочит, но и се надева дека ќе покрене јавна дебата и ќе анимира и останатите уметници да го кажат ставот.
„Тоа се вредни дела, правени со колеги уметници, во соработка со МКЦ и Град Скопје. Тие цртежи на бетонски столбови имаа намена да бидат уметност во јавен простор, но и да затворат одредени пешачки зони за автомобили“ вели Кешкец за „Трн“.
Бетонските огласници кои пред пет години беа украсени со улична уметност и поставени на тротоарите низ центарот на Скопје и на тој начин ги ослободија тротоарите од возила, денес Град Скопје ги користи како обични барикади за блокирање на изгорениот мост Беласица. Уметничките дела изработени од уметникот Давор Кешкец кој имаа цел да ја донесат уметноста во јавниот простор, со цел подобар изглед на градот и креирање позитивна енергија за жителите на градот и туристите.
„Ова е непочитување кон мене, кон другите уметници кои цртаа со мене, кон сите мои колеги. Едноставно непочитување на нашата работа, на уметноста. Овој пат се моите дела, чии ќе бидат следни?“ запрашува Кешкец во изјавата за „Трн“.