Search
Search

Универзална сала и Град Скопје си играат пинг-понг со проектот Скопје – Европска престолнина на културата 2028

Град Скопје и Универзална сала си ја префрлаат топката за тоа кој е надлежен се организацијата и реализацијата на мегапроектот Скопје – Европска престолнина на клултурата 2028, па затоа граѓаните и на културните работници на главниот град на Северна Македонија стравуваат дека Скопје 2028 ќе биде уште едно епохално промашување какво што беше Скопје 2014.

Имено, така дел од културните работници прогнозираа кога беше објавен „повикот за изразување интерес за основачи на здружение за имплементација на проектот Скопје Европска престолнина на културата 2028“, некаде на почетокот на март оваа година, на веб страницата на Универзална сала.

Универзална сала беше определена како институција која што Градот Скопје ја утврди како носител на активностите за подготовка на концептот и програмата за престижниот статус што го доби Скопје, во 2028 година да биде Европска престолнина на културата (ЕПК) и тој повик требаше да биде сигнал дека 6 месеци откако нашиот главен град беше номиниран да биде ЕПК во 2028 година.

Но, наместо да биде така, повикот на Универзална сала веднаш беше оценет како „смешен“ и како „несериозен пристап“ затоа што, како што оценија тогаш неколкумина искусни организатори на културни настани и процеси, рокот и критериумите за апликација за еден ваков грандиозен проект (5 дена) е „многу кус и дека пред да биде објавен требало да биде организиран разговор за да се искристализираат работите за да се добие се добие и инклузивност во идејата и понатаму во процесот“.

Наместо разумен одговор на овие реакции со кои требаше да се објасни зошто наместо Фондација со повикот се планира основање на здружение за чие основање се бараа 2 приватни лица (едното странец) и 2 правни лица (едното странско), како и зошто се бараше сертификат за познавање странски јазик за кој се утврди дека е невозможно да се обезбеди во рок од 5 дена, Универзална сала го поништи тој повик и објави нов.

Во новиот повик се исклучија критериумите за основање здружение за реализација на Скопје ЕПК 2028  и се тргна условот за апредјтиран сертификат за англиски јазик, но со тие отстапки новиот повик практично нема никаква функција, ниту цел.

Ова, во разговорот со директорот на Универзална сала Горјан Христовски, ни беше потврдено, и како што ни рече тој, повикот бил само за тоа да се утврди интересот на културните организации и институции да земат учество во програмата на Скопје ЕПК 2028.

На прашањето што понатаму од изразениот интерес, директорот Христовски ни одговори: „Па, ништо. Утврдивме интерес и толку, сега понатаму обврската треба да си ја преземе Град Скопје и да ја формира Фондацијата за организација на Скопје ЕПК 2028“.

И тоа беше првото префрлање на топката во овој најнов обид да дознаеме што се случува со Скопје ЕПК 2028.

Од телефонскиот разговор со Кристина Депо од Град Скопје, која на еден од настаните во септемрви минатата година беше претставена како раководното лице на проектниот тим, добивме само вратена топка кон Универзална сала. Кристина Депо со чудење праша зошто неа и ја прашуваме за оваа тема и инсистираше на тоа дека Универзална сала е адресата на којашто треба да ги бараме одговорите за Скопје ЕПК 2028.

На нашето инсистирање дека од Универзална сала категорично ни рекоа дека Градот Скопје е местото за нашите прашања, комуникаторката на Град Скопје побара прашањата да им ги испратиме на мејл за да ги одговорат – пазете го ова – службите.

Ете така, од ова практично произлегува дека организацијата на Скопје – Европска престолнина на културата 2028,  е во лимбо просторот меѓу Универзална сала и Град Скопје. Односно со поточни зборови организација не постои.

А во апликативната книга БИД БУК за проектот ,,Скопје Европска престолнина на културата 2028“ јасно е запишано: „За да обезбеди отвореност и инклузивност, Фондацијата ќе го прошири својот досег и на јавните и на приватните учесници. Нејзината институционална поддршка ќе ги опфати градските, регионалните и владините власти, поттикнувајќи средина за соработка“.

Културните работници и јавноста на Скопје во досегашните активности – ако воопшто можат така да се наречат, не ги гледаат овие добри и конструктивни намери. Град Скопје и Универзална сала треба сериозно да размислат за овие укажувања.

Што се случува е апсолутно нејасно и зошто Градот Скопје и Универзална сала влегоа во една ваква некоординирана и проблематична постапка.

До некоја следна посериозна и поодговорна постапка за реализација на овој голем предизвик, но и чест, останува констатацијата дека Проектот Скопје – Европска престолнина на културата 2028 обвиен во мрак и неизвесност.

Извор Рацин.мк

АКТУЕЛНО