Search
Search
Vienna, Austria

Виена повторно прогласена за најдобар град за живеење во светот

Виена повторно е прогласена за најдобар град за живеење во светот. Според годишното рангирање на „Економист Интелиџенс Јунит“ („Economist Intelligence Unit“), австриската престолнина по четврти пат во последните пет години е рангирана на првото место, објави австриската јавна радио и телевизија OРФ.

На второто место е данската престолнина Копенхаген, потоа двата австралиски града – Мелбурн и Сиднеј и канадскиот Ванкувер. Цирих, кој минатата година беше на третото место, сега е на шестото место.

Телевизијата забележува дека нема германски град во првите десет. Штутгарт отишол многу напред и се наоѓа на 25. место. Пред него е Париз. Според авторите на студијата, големите демонстрации против пензиската реформа го спуштиле рангирањето на француската престолнина, која минатата година беше 19-та. За споредба, Лондон годинава се најде на 46. место, а Њујорк на 69. место.

Рангирањето на градовите се базира на 30 критериуми како стабилност, здравствен систем, култура и животна средина, образование и инфраструктура. Виена нуди идеална комбинација од петте фактори, се вели во студијата. Единствено недостигаат големи спортски настани.

Весникот „Курир“ во коментар пишува: Што ја разликува Виена од останатите претенденти? Тоа се првенствено јавниот превоз и изградбата на станови. А безбедноста е критериум од особена тежина при оценувањето: стапката на криминалот е на најниско ниво во последните 20 години. Се оценуваат и ефектите од инфлацијата врз животот во градот, годишните поскапувања на киријата и стапките на детска сиромаштија.

Едно е јасно, коментира австриското издание, импресивната архитектура и извонредните културни споменици не се доволни за добар квалитет на живот, потребите на урбаното население секогаш мора да се ставаат во преден план.

 

АКТУЕЛНО