Search
Search
фото/интернет

Владите на неколку држави ангажирани за евакуација на нивниот дипломатски персонал и граѓаните од Судан

Владите на неколку земји се во трка за евакуација на нивниот дипломатски персонал и граѓаните од Судан, каде борбите меѓу спротивставените генерали се водат деветти последователен ден, јавија светските агенции.

Жестоки борби денеска се водат во Омдурман, град од другата страна на Нил од главниот град Картум, изјавија граѓани. Насилствата продолжуваат и покрај прогласениот прекин на огнот.

Американските специјални сили рано денеска брзо евакуираа околу 70 членови на дипломатскиот персонал од Картум на непозната локација во Етиопија. Иако американските власти рекоа дека сè уште е премногу опасно да се изврши координирана масовна евакуација на приватни граѓани, неколку други земји побрзаа да ги извлечат своите државјани и дипломати од земјата.

Франција, Грција, Турција и други европски земји денеска објавија дека организираат евакуација на вработените во нивните амбасади и други граѓани заедно со некои граѓани од другите сојузнички земји. Портпаролката на француското Министерство за надворешни работи изјави дека Франција ја спроведува операцијата со помош на европските партнери.

Холандија испрати два авиони Херкулес Ц-13 и Ербас А330 во Јордан како подготовка за можна спасувачка мисија.

Италија испрати воени авиони во Џибути во Аденскиот залив за да подготви евакуација на 140 Италијанци од Судан, од кои многумина веќе се засолниле во амбасадата. Министерот за надворешни работи Антонио Тајани изјави дека кризната единица на Министерството е во контакт со блокираните граѓани.

Белгија работи со Франција и Холандија на евакуација на белгиските граѓани од Судан поради тековните борби таму, јави ДПА. Агенцијата се повикува на објава на Твитер на белгискиот министер за надворешни работи, европски прашања, надворешна трговија и федерални културни институции, Хаџа Лабиб.

Во тек се неколку операции за евакуација на европските граѓани од Судан „што е можно побрзо“, рече Лабиб. Таа рече дека ако има белгиски државјани во Судан кои се уште не се евакуирани, тие треба да контактираат со дипломатските служби што е можно поскоро.

Турција денеска планира да ги евакуира своите граѓани од Судан, соопшти турското Министерство за надворешни работи, наведувајќи дека тие ќе се евакуираат по копнен пат преку трета земја, што не беше прецизирано.

Според извештаите, во плановите за евакуација се вклучени и државјани на трети земји, кои побарале помош од Турција.

Министерството за надворешни работи на Србија соопшти дека во соработка со надлежните тела на ОН, Обединетите Арапски Емирати и Турција, денеска започна евакуацијата на српските државјани од Судан, односно од Картум. Досега 11 српски државјани заминале со конвои на ОН, УЕА и турски конвои, соопшти Министерството, додавајќи дека се бара решение за евакуација на останатите граѓани кои изразиле желба да бидат евакуирани.

Борбите меѓу суданските вооружени сили и моќната паравоена група Сили за брза поддршка го парализираа меѓународниот аеродром, уништени се неколку цивилни авиони и најмалку една писта, а другите аеродроми низ земјата не се во функција.

АКТУЕЛНО