Search
Search

Влатко Стефановски – Легендата што ја обликува нашата музичка историја

Вчерашното отворање на изложбата на фотографии од настапи на гитарскиот маестро Влатко Стефановски во „Мала станица“ беше вистинско културно случување. На јубилејното 10-то издание на фестивалот „Скопје синема сити“, кој веќе една деценија негува музички документарни филмови и посветено работи на одржување на урбаната сцена во градот, се претставија фотографии на Стефан Рајхл, Ангел Ситновски-Бојс, Огнен Ацевски и Немања Ѓорѓевиќ, како и артефакти и фотографии од архивите на музичкиот историчар Тошо Филиповски и Владимир Мандичевски-Манде.

 

Насловот на изложбата „Искуството на Влатко Стефановски“ привлече големо внимание и со неа беше означен почетокот на фестивалот, во организација на здружението „Номад-арт“ од Скопје. Првата деценија на фестивалот, која се одбележува со оваа групна изложба, се поистоветува и со 50-годишнината од почетокот на кариерата на нашиот гитарски виртуоз. Изложбата сведочи за многуте концерти на Стефановски низ годините, за соработки и достигнувања, видени низ призмата на реномирани фотографи и колекционери. Идејното решение на плакатот е на Дијана Димитриевска.

 

Во своето обраќање, Влатко Стефановски изрази задоволство од изложбата и потенцираше дека прикажаното е само една петтина од материјалите кои ги има дома како документација за својата кариера, настапи и концерти. „Овој настан и плакетата што ја добив малку ми го јакнат егото затоа што сите потврди што ги добивам за мојата работа ми значат. Сепак, се трудам да го држам своето его под контрола, бидејќи јавноста може и да те вивне до ѕвездите, но и да те спушти до дното“, истакна тој.

 

Особено интересна беше изјавата на музичкиот новинар Ненад Георгиевски, кој истакна дека многу би сакал да направи документарен филм за Влатко Стефановски. Тој смета дека на овој начин, работата на Стефановски ќе биде внимателно селектирана и зачувана за многу генерации, кои ќе можат да се инспирираат од неговата кариера и уметничко наследство.

Со Ненад Георгиевски поразговаравме околу јубилејното издание на фестивалот, што би издвоил како најзначајно од претходните изданија итн.

 

Трн: Што би издвоил како специјално за годинешното издание на фестивалот Скопје Синема Сити?

Ненад: Воглавном идејата беше да се направи една убава изложба, повеќе како продолжение на се она што досега е направено, отолку во насока дека нешто специјално ќе се реализира. Гледавме да биде се опфатено и музика и промоции на книги, проекции на филмови. Промоциите на книгите се ретко дел од овој фестивал, ама ете годинава ќе имаме дури две. Значи комбиниравме интересни елементи каде филмската програма, заедно со изложбата да направат еден интересен мозаик на искуства и приказни.

Трн: Кои се најзначајните филмови од годинешниот фестивал за кој веруваш дека ќе има многу интерес?

Ненад: Секогаш гледаме да биде разноврсно, стилски, да биде интересно за повеќе луѓе. Филмот за Карлос Сантана е многу убава биографија за него, сите филмови се добри и интересни на свој начин и обработуваат разни тематики во таа музичка сфера.

Трн: За кого би сакал да направиш ти документарен филм?

Ненад: Еве Влатко е сигурно музичката легенда за кого би сакал да направам документарен филм, Кирил Џајковски, Џон Илија Апелгрен, Националниот џез оркестар се имињата кои се први на листа за кои би сакал да снимам документарни филмови. Сите се овие интересни луѓе со богата историја и достигнувања, а и верувам дека нивните приказни ќе бидат интересни како за домашната публика, така и за странската.

Трн: Фокусот на годинашниот фестивал од што беше инспириран?

Ненад: Пак ќе кажам од богатството на музичкиот свет. Ние секогаш мора да имаме македонска сцена, на тој начин ги презентираме македонските автори кои исто така кога ќе заврши фестивалот ги праќаме кај наши сестрински фестивали во регионот. На некој начин сме како отскочна даска за тие. Имаме и гостин од Полска, бидејќи Полска ни е земја во фокус. Одамна планиравме да направиме со него нешто, меѓутоа дури сега се сложија коцките за да дојде. Тој е интересен како човек, како автор кој прави интересни филмови за дизајнери кои правеле корици за Леонард Коен, за Клеш, за Атлантик Рекордс. Му доделуваме награда за животно дело на големиот полски композитор Збигњев Прајснер. Тука се и филмовите за Чет Бејкер и Џо Страмер.

Трн: Кој ти беа омилени моменти од претходните изданија?

Ненад: Отварањето во 2015, на првото издание, имаше неверојатна публика. Третото издание Крафтверк. Првото издание му беше доделена награда на Дејвид Боуви, второто на Леонард Коен и тоа се светски имиња кои навистина во музичката историја се легенди.

Првото издание на филмскиот фестивал за музички документарни филмови Скопје Синема Сити во Скопје, Македонија, поздрави широк спектар на документарни филмови кои ги претстави животите на луѓето кои создаваат музика, се изразуваат преку музиката и креативноста зад музиката. Фестивалот беше отворен со почит на еден од најголемите херои на популарната музика и култура воопшто, Дејвид Боуви. Така што, тоа издание ќе остане во мене засекогаш.

Соработката со другите музичари, режисери се заснова на лични контакти. Постои една заедница и јас како музички новинар го користам тоа. Имам кому да му се обратам.

Трн: Што би сакал да видиш како долгорочен ефект од фестивалот врз локалната и регионалната сцена?

Ненад: Ова е замислена како една мултимедијална платформа, не е само филмови, туку има изложби, промоции, концерти и сето тоа. Ефектот е влез на нови начини како да се промовираат работите. Има поинакви начини за да се доживее нечиј опус, книги, изложби, така што тој е начинот на кој сакаме да ги промовираме идеите. Се надевам дека фестивалот ќе стимулира поголем интерес и поддршка кон музичките и филмските креативци и професионалци, ќе овозможи поголем пристап до музичката и филмската култура. Исто така, би сакал да го видам фестивалот како катализатор за размена на идеи и искуства помеѓу локалните и меѓународните учесници, што би довело до засилување на врските и соработката во областа на музичката и филмската индустрија. Тоа би можело да доведе до нови можност за развој на креативните иновации и стимулирање на меѓународната промоција на македонската култура.

Фестивалот „Скопје синема сити“, кој се фокусира на музички документарни филмови, ќе продолжи со филмските проекции во Кинотеката на Македонија од 1 до 4 јули, одбележувајќи десет години успешно постоење.

АКТУЕЛНО