Search
Search

Во државава има 260 илјади жени со здравствено осигурување без матичен гинеколог, а околу 134 илјади го немаат ниту едното, ниту другото

 Превентивните гинеколошки прегледи се клучни за женското репродуктивно здравје. Но, податоци од здравствени институции и здруженија покажуваат дека не е мал бројот на жени во нашава држава кои немаат избрано матичен гинеколог и на оние, кои подолг период не посетиле гинеколог.

Здравствените работници во државава се едногласни дека е потребно да се подигне свеста по ова прашање и да се зголеми бројот на работилници и едукации во училиштата, кога станува збор за женското здравје.

Податоците од годишниот извештај на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) за 2022 година говорат дека бројот на жени, без избран матичен гинеколог, а со здравствено осигурување, е околу 260.000, а бројот на оние без здравствено осигурување и без избран матичен гинеколог, околу 134.000 лица. Доколку се земе предвид дека во земјава 50,4 отсто од активното попишано население се женски лица, тогаш бројот на жени со здравствено осигурување, а без избран матичен гинеколог, изнесува околу 28 проценти.

Професор доктор Глигор Тофоски, претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) во изјава за МИА потврди дека слични бројки има и во спроведените анкети од Асоцијацијата.

– Само 33 проценти од анкетираните жени во неколку општини од нашата држава, практикуваат редовни гинеколошки прегледи на една година. Повеќе од 30 отсто не го посетиле својот матичен гинеколог подолго од три години, а дури 25 проценти немаат избрано свој матичен гинеколог, делумно заради тоа што во општините каде живеат немаат достапен матичен гинеколог, или истиот заминал во пензија/починал и оттогаш не побарале нов, а делумно и заради стравот, незаинтересираноста и неинформираноста за значењето на редовните гинеколошки прегледи, подвлече тој за МИА.

Според податоците на ФЗО за лани, во текот на 2023 година, примарна здравствена заштита на осигурениците обезбедувале вкупно 161 гинеколог. Во споредба со претходната година, бројот на гинеколози е зголемен за двајца лекари. Најголем број гинеколози има во Скопскиот регион – 56 лекари, додека најмал е бројот во Североисточниот регион со 12 гинеколози. Во 2023 година склучени се вкупно 142 договори во примарната здравствена заштита за гинекологија.

– Во однос на склучените договори со избрани гинеколози по региони, во Република Северна Македонија, најголем број договори се склучени во Скопскиот регион – 49 договори, што претставува 35 отсто од вкупно склучените договори во ПЗЗ – гинекологија. Споредувајќи ги со бројот на осигуренички, на секои 10 илјади осигуренички склучени се 1,54 договори во ПЗЗ – гинекологија. Најголем број договори се склучени во Вардарскиот регион – 2,06 на секои 10 илјади осигуренички, додека најмалку се склучени во Полошкиот регион или 1,05 на секои 10 илјади осигуренички. Висината на месечната капитација по осигуреник кај избраните гинеколози во јануари 2023 година е зголемена од 63 на 75 денари. Просечно, месечната капитација на матичен гинеколог за 2023 година изнесува 229.233. Исплатената капитација за матичните гинеколози во 2023 година изнесува 442,8 милиони денари што е зголемување за 26 проценти во однос на 2022 година, се наведува во извештајот на Фондот.

Дополнително, во 2024 година, појаснуваат од Фондот за МИА, склучени се уште два договора, едниот во Неготино, а другиот во Скопје. И двете ПЗУ имаат по еден тим.

Само еден гинеколог во општина Шуто Оризари

Во општина Шуто Оризари работи само еден гинеколог, а бројот на жени во репродуктивен период е околу 8.000, според достапните податоци.

Доктор Ламбе Крстески, специјалист гинеколог – акушер во Гинеколошко – акушерската ординација ПЗУ „Мајка Б&М“ и матичен гинеколог во оваа општина, во изјава за МИА појасни дека имаат околу 2.000 пациенти.

– Нашата амбуланта во моментов има 2.000 пациентки и работи веќе две години во рамки на Здравствениот дом – Шуто Оризари. Има податоци дека 2.500 пациентки со здравствено осигурување немаат избрано матичен гинеколог, а 1.000 пациентки немаат здравствено осигурување, додаде Крстески.

Тој нагласи дека во соработка со невладините организации во Шуто Оризари, Иницијативата за права на жените во Шуто Оризари, Ромалитико, прават максимални напори за едукација на жените во Шуто Оризари, да имаат редовни гинеколошки прегледи, редовно следена бременост и да изберат матичен гинеколог.

Крстески потенцираше дека мал е одѕивот за ПАП – тест и ХПВ типизација, што се бесплатни.

– Треба да се зголемат бројот на работилници и едукации на учениците од страна на стручно лице, заедно во соработка со педагошко-психолошката служба на училиштата, во согласност на родител – старател, се разбира според возраста на учениците, за заштита од полово прненосливи болести, несакана бременост и да се зголеми бројот на вакцинација кај девојчињата и момчињата со ХПВ вакцина, во сите основни и средни училишта во државата, дециден беше тој во изјава за МИА.

Посветеноста за женското здравје, подвлече, треба да е заеднички императив на сите здравствени работници, за безрезервно одржување на женската благосостојба од најмала до најстара возраст.

– Ги повикувам сите кои немаат избрано матичен гинеколог во општината, да нѐ посетат и да направат превентивни гинеколошки прегледи кои се бесплатни и да си го остварат правото на матичен гинеколог, порача тој.

Зголемување на свеста за редовни гинеколошки прегледи

И според Тофоски, потребно е зголемување на свеста за важноста на редовните гинеколошки прегледи, а за тоа потребна е сеопфатна стратегија што ги комбинира образованието, достапноста и поддршката.

– Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари, преку соработка со национални и локални здравствени организации, континуирано се залага да ги информира жените за важноста на редовната грижа за сексуалното и репродуктивно здравје, преку водење бројни јавни кампањи – користејќи ги социјалните медиуми, изработувајќи и дистрибуирајќи едукативни материјали – брошури, постери и слично. Организираме и работилници за социо-економски ранливи категории на жени и девојчиња, а веќе трета година по ред преку мобилните гинеколошки амбуланти, се залагаме бесплатните гинеколошки услуги да бидат лесно достапни за жени и девојки од социално-економските ранливи категории, жени и девојки кои живеат во тешко достапни области и области каде нема матичен гинеколог, посочи Тофоски.

Но, како што додаде тој, неопходно е поголемо вклучување на темите за репродуктивно здравје во образованието, во училишните програми, бидејќи така ќе се овозможи рано информирање на младите за важноста на редовните гинеколошки прегледи.

 

АКТУЕЛНО