Search
Search

Во Лепенец уште се трага по трите члена од исто семејство, сообраќајката ја преживеал 21- годишниот син

Ниту трага ниту глас од тројцата патници од БМВ-то кои вчера, по судир со возило излетаа во реката Лепенец на делницата Скопје – Блаце.

Потрагата по тројцата граѓани на Косово, од кои еден е 16 годишен малолетник е отежната поради заматената и надојдена река, а разлетаните гранки, камења и предмети во нејзе, претставуваат опасност и за нуркачите.

Директорот на ДЗС – Беким Максути кажа дека потрагата се одвива на неколку локации, а во истата помагаат, полицијата, армијата, пожарникарите, а има екипи за спасување и од Косово, но вели, од најголема помош би било да се поправат временските услови..

„Го отежнува целиот процес на пребарување, се надеваме дека утрешните часови на некој начин ќе бидат по полодни во однос на тоа дека температурите ќе бидат подобри и нивото на реката ќе биде намалено со тоа што и процесот на пребарување ќе биде полесен и поефикасен. Значи целата мисија се одвива на тоа да не загрозуваме дополнителни животи на луѓе со тоа што тие влегуваат да пребаруваат во реката. Секој припадник кој влегува во реката може да остане максимум 30 минути.

Сообраќајната несреќа се случила вчера после 15 часот, а според информациите од обвинителството, до неа дошло откако скопјанец со „фолгскваген туран“ тргнал да претекнува колона од возила од Скопје кон Блаце.

„Во моментот кога стигнал паралелно до автомобилот БМВ со косовски регистарски таблички кој се движел во истата колона, двете возила се доближиле и странично се удриле, по што косовскиот автомобил со четворицата патници излетал од патот и се превртел во реката Лепенец, велат од Обвинителството.

На патот кој се прави, местото на излетување е најблиску до реката, а истото нема никаква заштита.

Обележувањето кое што го направила полицијата покажува дека автомобилот излетал во реката токму на ова место и е единствениот простор на делницата кој нема заштитна ограда.

Неофицијално во БМВ-то имало четиричлено семејство, постариот 21 годишен син успеал да скокне од автомобилот. Тој набргу е извлечен од реката, пренесен во болница и е во стабилна состојба. Се трага по неговиот помлад 16 годишен брат, како и неговите родители.

Од МВР информираат, дека 64 годишниот возач на фолксвагенот е приведен по наредба на јавен обвинител и задржан за понатамошно постапување.

АКТУЕЛНО