Од следниот месец, скопјани може да останат без никаков јавен превоз. Синдикатот на ЈСП бара итно усогласување на платите со минималецот, односно 2.170 денари покачување за вработените во претпријатието. Ако не ги добијат парите, ќе излезат на штрајк.
„Тоа се билетарите, линиските контролори, сервисерите, возачите и вработените што работат во службите. Буџетот на град Скопје дали е во кондиција или не, е одговорност на друг фактор. Од вкупниот приход што ние го остваруваме од она што го продаваме од нашите услуги, не можеме да задоволиме ни проста репродукција, а камо ли плата за вработените“- Миќо Стојановски, синдикат на ЈСП
За зголемувањето се потребни 5 милиони денари месечно или 60 милиони годишно. Според синдикатот, ова не е голема сума на пари, но неизвесно е дали тоа ќе може да го издржи градската каса за која советниците тврдат дека е празна, а градот ќе банкротира. Стојановски вели дека поради ниските плати, голем број работници си дале отказ од ЈСП, па во иднина ќе нема ни кој да ги вози, ни кој да ги сервисира автобусите.
„За оваа плата што во моментов ја примаме тешко дека некој ќе остане во ЈСП, особено помладите генерации. Може да се случи да се земаат пари од некои проекти коишто градот ги има замислено и има буџетски средства, тие средства да се поделат за плати во ЈСП“ – Миќо Стојановски, синдикат на ЈСП.
Ако и ЈСП прекине да вози, главниот град практично ќе нема ниту еден градски автобус, оти се уште нема абер ниту од приватните превозници. Сител од свои извори дознава дека тие нема да почнат со работа додека не го добијат целиот долг од милион и пол евра. Веќе биле исплатени скоро половина од парите, но другата половина ќе почека. Советниците велат дека токму исплатите кон превозниците го испразниле буџетот кој минатата недела беше и блокиран од стариот скопски саем.
Од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ и Славески бегаат од вонредна седница на која ќе се расправа за лошата финансиска состојба на градот.
„Заради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска денес Скопје е нефункционален град со нефункционални и задолжени јавни претпријатија и установи. Јавниот превоз е во целосен колапс, ЈСП тоне во долгови, а протестите што ги гледавме пред неколку месеци можат многу брзо да се повторат.“ – Љубица Јанчева, СДСМ
Првиот човек на советот вчера упатил барање до Арсовска да му достави извештај за финансиската состојба на градот што е основ за свикување на вонредна седница, но досега таков документ Арсовска не дала.
извор Сител