Од почетокот на годинава, поточно во периодот од јануари до јуни 2024 година, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ подигнале и транспортирале вкупно 2500 метри кубни отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје, при што e интервенирано во сите скопски општини и исчистени се околу 150 депонии.
Од претпријатието информираат дека се соочуваат со појава на масовно непрописно фрлање отпад на јавни и сообраќајни површини, особено во непосредна близина на контејнерите наменети за комунален отпад. Како што нагласуваат, нивна основна дејност е собирање и транспорт на комуналниот отпад од домаќинствата и фирмите, што континуирано се реализира седум дена во неделата, согласно Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на Градот Скопје и Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје.
Покрај своите редовни активности, екипите на претпријатието се секојдневно максимално ангажирани за извршување вонредни акции, како што е расчистувањето диви депонии коишто настануваат како резултат на непрописното и несовесното одлагање отпад на јавните и на сообраќајните површини – велат од „Комунална хигиена“
Оттаму апелираат до граѓаните својот отпад да го одлагаат исклучиво во контејнерите, кантите или корпите за отпадоци.