Search
Search
фото Градска

За „Теодосиј Гологанов“ граѓаните чекаа пола година, колку ќе трае реконструкцијата на улицата „Даме Груев“?

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска пред една недела изврши увид на реконструкцијата на втората фаза на улицата „Даме Груев“ од раскрсницата со ул. Димитрие Чуповски до раскрсница со ул. Македонија, сообраќајница која е во лоша состојба и континуирано е посочувана од жителите како опасност по учесниците во сообраќајот.

Но начинот на кој се изведува реконструкцијата е уште поопасен. Паркирани возила, несоодветно обележување, блокада на крстосницата со возила, ова е сликата која секојдневно се забележува на оваа улица веќе трета недела.

фото Градска

Во ризик се и пешаците бидејќи поради градежната механизација, но и сообраќајната гужва не се почитува пешачкиот премин.

На локацијата нема ниту соодветно поставена табла кој е надлежен за реконструкцијата иако и Арсовска најави дека задолжено е градското јавно претпријатие Улици и патишта Скопје, но таа не посочи соодветен рок до кога ќе биде готова.

-Овој проект е од големо значење за жителите на Центар кои живеат на тој потег, но и на сите кои секојдневно се движат по овој потег. Во текот на градежните работи на овој дел од улицата „Даме Груев“ покрај коловозот на површина од 3.250 квадратни метри, се реконструираат и пешачките патеки, нивелираат шахтите и сливниците, а планирана е велосипедска патека и уредување на зеленилото долж целата сообраќајница, порача Арсовска од терен.

фото Градска

Повеќе од шест месеци се реконструираше булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и толку време траеше и сообраќајниот хаос во центарот на градот поради градежните зафати. Метежот се зголеми уште повеќе откако започна и реконструкцијата на улицата Ленинова, која се реновира на потегот од вкрстувањето со овој булевар до Партизанска. 

Работите на реконструкција на Митрополит Теодосија Гологанов ги изведуваше фирмата „Бауер“, а според најавите на Арсовска овој зафат  го чинеше Град Скопје 43 милиони денари, односно околу 700 илјади евра.

С.Т.

АКТУЕЛНО