Техничката подготовка за активирање на мерката преку системите за е-услуги на трите држави е со највисок интензитет и е во финална фаза, вели националниот координатор Марјан Забрчанец во однос на најавата за отстранување на работните дозволи меѓу Македонија, Србија и Албанија преку иницијативата Отворен Балкан.
–Работните групи составени од релевантните институции изминатата недела имаа работен состанок на оперативно ниво во Белград и ги направија првите софтверски тестирања кои поминаа успешно. Проектот е комплексен бидејќи станува збор за отворање и вмрежување на трите пазари на труд од земјите од Отворен Балкан, што подразбира повеќеслојни процедури за издавање идентификациски број по електронски пат на лицето заинтересирано да работи во
некоја од трите држави, негов непречен пристап до можностите за работа, обезбедување проверки од страна на министерствата за внатрешни работи, престој од две години и заштита на личните податоци“, рече Забрчанец во интервју за Локално.
Тој додаде дека со завршувањето на сите тестирања во секоја од земјите, ова лето мерката ќе стане активна и достапна за заинтересираните граѓани. Ќе следува и јавна комуникација за информирање на граѓаните за начините на користење на оваа е-услуга.