Фото Александар Ризински

Занаети кои исчезнуваат – Улицата на јорганите во скопската чаршија остана со само два дуќани

Улиците на Старата скопска чаршија раскажуваат приказни за историјата на градот, постоењето на разни народи, раѓањето на бројни занаети, но и за развојот на архитектурата и богатата народна традиција.

Во оваа чаршија се отвориле првите занаетчиски дуќани и се создале најдобрите мајстори на својот занает. Многу од некогашните занаети исчезнаа со текот на времето, а со тоа и занаетчиските дуќани.

Фото Александар Ризински

Убавината на занаетите е во нивната уникатност, бидејќи не можат да се изработат два исти производа, секој производ е рачно изработен и автентичен.

Во минатото во чаршијата имало цела улица на јорганџии, а и повеќе од осумстотини дуќани, но за жал денес останаа само двајца. Еден од нив е Нусрет Агуши, кој со овој занает се занимава уште од детството.

Фото: Александар Ризински

Педесет годишниот Агуши занаетот го добил од својот уста (мајстор), од кого го добил и дуќанот во кој рачно шие традиционални јоргани.

Тој за порталот Градска.мк вели дека работата ја работи со цело срце иако има малку работа. Според него, во последно време доаѓаат луѓе и ги поправаат старите јоргани кои ги наследиле од роднините.

„Се трудам да ја додадам мојата креативност на стариот занает за да имаме малку поголема продажба“, вели Агуши.

Според него, на туристите многу им се допаѓаат јорганите и перниците што ги изработуваат, но поради нивната големина понекогаш не можат да ги купат, но ги фотографираат.

Фото: Александар Ризински

Тој е загрижен бидејќи можеби е последната генерација што се занимава со овој занает, неговите деца го знаат занаетот, но немаат интерес да работат, бидејќи сметаат дека е неисплатливо и дека не можат да заработат доволно за живот.

„Сите млади ни бегаат, така размислува и мојот син, тој и ако го знае занаетот не сака да работи нема перспектива, нормално не можеш да одржуваш семејство со приходите од рачните шиени јоргани„

Еден од последните јорганџии Агуши, своите јоргани ги смета за уметнички дела, ги украсува рачно со игла, постојано ги изложува во неговиот дуќан, тоа му е мерак, и ако има слаба продажба.

Фото: Александар Ризински

Тој вели дека улицата на јорганџии има традиција повеќе од 100 години, според сведоштвата на старите мајстори само во оваа улица биле сместени околу седум дуќани кои шиеле јоргани.

„Пред да се појават индустриските јоргани, се продавале нај малку 10 јоргани дневно, имало многу работа, секој јорганџија имал по двајца или тројца чираци„ вели јорганџија Агуши.

Дуќанот на кој работи е на неговиот мајстор, бидејќи тој се откажал од занаетот и има други работни обврски.

 

Н.Ш

АКТУЕЛНО