Search
Search

Ќе добие ли амин БРТ од советниците во Град Скопје или уште ќе се возиме во двокатните лименки?

ЈСП „Скопје“ и во 2024 година планира големи инвестиции во возниот парк како и лани, кога ништо од тоа не се оствари, а Градот не може да се реши што сака да направи со јавниот превоз, па бара од советниците да гласаат и за набавка на еко-автобуси и за воведување БРТ.

Амбициозен, но малку „поскромен“ инвестициски план отколку минатата година предвидува да реализира ЈСП „Скопје“ во 2024 година тежок 3.583.750.000 денари или приближно 58 милиони евра.

Како што стои во нивната годинешна Инвестициска програма, за набавка на автобуси на хибриден погон се планира да се вложат 3 милијарди денари. Планот би се реализирал до 2028 година, а средствата треба да бидат обезбедени со субвенции. Со субвенции се планира да се набават и 5 минибуси за износ од 60 милиони денари, како и 20 комбибуси со 180 милиони денари и 2 виљушкари за 3 милиони денари од сопствени средства. Со донации, пак, како што е наведено во Програмата, би се набавиле 6 автобуси на ЦНГ-погон со вредност од 92.250.000 денари. Сето ова, како што тврдат од ЈСП, е во функција на обезбедување услови за континуирано вршење на основната дејност, но и за развој и осовремување на превозот.

Покрај инвестирањето во возниот парк, ЈСП годинава планира и 53.500.000 денари да вложи во опрема потребна за одржување на возниот парк, 72.000.000 денари за градежни работи на објекти и инсталации и 123.000.000 денари за софтвери од кои речиси 2 милиони евра се за АВЛ систем софтвер.

Дека на градскиот превоз му треба осовременување е неоспорно. Потребни се и нови автобуси и нови линии и нов возен ред. На повеќето автобуските постојки низ градот неопходно им е реновирање, затоа што некаде граѓаните додека чекаат автобус немаат каде да се засолнат од дожд и сонце. Но, знаејќи во каква тешка состојба се наоѓа ова јавно претпријатие, кое во период од година и пол двапати ги остави граѓаните без автобуси поради неисплатена плата, речиси е сигурно дека овој нивни план за инвестиции ќе остане само на хартија, пишува „Слободен печат“

Планирани инвестиции во возниот парк на ЈСП во 2024 година

Тоа се случи и минатата година. Јавното претпријатие лани планираше преку субвенции да набави дури 100 автобуси на хибриден погон и 10 минибуси. Само за автобуси требаше да се дадат 4 милијарди денари, односно околу 65 милиони евра и уште околу еден милион евра за минибусите, а набавката да се реализира со субвенции. Ништо од ова не се реализираше.

За да се добијат субвенции, зелено светло треба да даде Советот на Град Скопје, исто како што советниците треба да се согласат и за долгорочно задолжување на Град Скопје во некоја од домашните банки во износ од 620 милиони денари за набавка на еко автобуси. Но тие во текот на изминатата година повеќепати досега го одбија овој предлог.
Сега, в среда, градските советници треба да гласаат и за Инвестиционата програма и за задолжувањето за нови автобуси и за одлуката за давање согласност за склучување договор за имплементација на проектот за брз автобуски превоз во Скопје.

 Со цел дополнително да се поттикне визијата за модерно Скопје, овозможувајќи лесно достапен и современ јавен превоз, притоа водејќи грижа за квалитетот на живеење и животната средина, наша обврска и приоритет во работењето е да инвестираме во еко автобуси со цел поефикасно извршување на јавниот превоз. Со донесување на оваа одлука, ќе се овозможи Град Скопје преку домашно долгорочно задолжување да изврши набавка на еко автобуси. Крајна цел на проектот е да се обезбеди нов градски превоз во главниот град, преку ефикасна и економска транспортна мрежа. Воведувањето еколошки автобуси ќе го намали загадувањето на воздухот и ќе обезбеди брз, безбеден и квалитетен превоз, кој ќе го подобри квалитетот на животот на граѓаните – се вели во образложението на предложената одлука за кредитно задолжување за нови автобуси.

Во образложението на предлог-одлуката за БРТ, за која повторно треба да се изјасни Советот на Град Скопје, но која не наидува на поддршка од советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се тврди дека брзиот автобуски превоз може да обезбеди подобри услуги за граѓаните, нудејќи високо ниво на удобност, пократко време на патување и сигурност.

 Со користењето на овој превоз, жителите ќе можат да стигнат до посакуваната дестинација (работно место, здравствени институции и сл.) навремено и удобно, при што ќе можат точно да го планираат своето време, а воедно и ќе се придонесе за намалување на загадувањето на животната средина. Покрај тоа, воведувањето на овој превоз ќе го намали сообраќајниот метеж, ќе го зголеми капацитетот на јавните паркиралишта, како и овозможување преадаптација на просторот наменет за моторен сообраќај во простор за пешаци и велосипеди на територијата на Град Скопје – тврди предлагачот.

Останува нејасно каков градски превоз планира всушност Градот за да им се овозможи подобра услуга на граѓаните – нови еколошки автобуси или БРТ-систем? Затоа што повеќе од јасно е дека мора да постои идеја во која насока ќе се развива и осовременува јавниот градски превоз. За реализација на БРТ превозот парите од ЕБОР две години чекаат да бидат искористени. За нови автобуси пари нема.

Скопјани и понатаму очекуваат и се надеваат дека ќе добијат подобар и поорганизиран јавен превоз.

АКТУЕЛНО