Ќе остане ли недела неработен ден?

Да се преиспита одлуката недела и понатаму да остане неработен ден. Ова го побара првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески кој изјави дека има аргументи за да побара укинување на овој закон.

Тврди дека не е направена анализа која ќе ја покаже исправноста на одлуката, бизнисите да не работат во недела.

„Би сакал да се видам со синдикатите, ние имаме аргументи кои не ги криеме. За секој закон од системски карактер после шест месеци или година треба да се направи анализа за да се покаже што треба да се корегира или да се менува. Јас тврдам дека анализа не е направена а директно брцаат во џебот на компаниите, вели Азески.

Во однос на заемот од Унгарија Азески вели дека компаниите ги интересира како да дојдат до свеж капитал, а за сумата од 250 милиони евра, рече дека Стопанската комора била задолжена да ги направи критериумите според кои ќе делат парите на фирмите. Првиот човек на комора веќе во четврток ќе одржи средба со Мицкоски на која ќе биде потенцирано дека се прифатливи тие средства за да се поддржи бизнисот, а ќе побара и да се најде начин капиталните инвестиции да не можат без согласност на заедницата да се пренаменуваат во социјални трансфери на крајот на годината.

Премиерот вчера во телевизиско интервју појасни дека кредитите ќе бидат давани под одредени критериуми, односно на фирмите кои ќе вложат во основни средства за производство, односно во машини со кои ќе се зголемува продуктивноста и бруто домашниот производ. Дополнително и самите ќе треба да инвестираат најмалку иста сума колку што ќе подигнат кредит.

Сепак, точните услови ќе бидат познати откако Владата ќе го достави до Собранието предлог законот за унгарскиот заем..

АКТУЕЛНО

Поврзани објави