Search
Search

152 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев

Претседателот на државата Стево Пендаровски утрово положи цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Пендаровски му оддаде почит на Делчев по повод 152-годишнината од раѓањето.

На вечното почивалиште на Гоце Делчев цвеќе положи и делегација на техничката Влада, предводена од првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, во чиј состав се министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи.

Цвеќе положи и делегација на Собранието, предводена од потпретседателот Горан Мисовски. Во состав на делегацијата се Марија Георгиевска и Велика Стојкова-Серафимовска.

Почит на Делчев му одадоа и поранешниот премиер и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, претставници на дипломатскиот кор, како и претставници на повеќе политички партии и граѓански здруженија.

Чествувањето почна со панихида со која чиноначалствуваше г.г. Стефан во сослужение на повеќемина свештенослужители на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Поради безбедносни протоколи, поставени се два пункта за контрола од страна на МВР, едниот на крстосницата кај „Меморијалниот центар на холокаустот“ и другиот кај Мустафа-пашината џамија.

 

Кој беше Гоце Делчев? Биографија.

На 4 февруари 1872 година во Кукуш, Егејска Македонија, е роден Гоце Делчев, еден од најистакнатите револуционери и синови на македонскиот народ. Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил цела Македонија. Тој е идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.

Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

Во зачуваните писма Делчев пишува дека се бори за слободна и независна Македонија, со широки права на сиромашното население: „Успехот на борбата ќе дојде со планомерна работа со која ќе им се наложиме на просветените Турци, Грци, Власи, Арнаути. Ќе ги убедиме дека ние искрено се бориме за прогресивно-културна држава, основана врз радикални и социјални принципи во животот и тогаш, тие добороволно ќе ни подадат братски рака, здружно ќе ја продолжиме сестраната борба. Јас така и го разбирам светот: како поле за културно натпреварување на народите“.

Делчев се противел на кревањето на Илинденското востание сметајќи дека е преурането, но неколку месеци по неговата смрт во Крушево започна востание кое беше задушено во крв по десет дена.

Непријателите на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат. На 4 мај 1903 година, Гоце Делчев загинал во борба со османлиската војска во селото Баница, Серско, во егејскиот дел на Македонија.

 

 

 

АКТУЕЛНО