Search
Search

Самопрогласената република Нагорно-Карабах престанува да постои од следната година

Самопрогласената сепаратистичка република Нагорно-Карабах денеска најави самораспуштање и распуштање на сите нејзини институции од 1 јануари 2024 година.

Указот на лидерот на таа енклава, Самвел Шахрамањан, најавува распуштање на „сите владини институции и организации на 1 јануари 2024 година“ и наведува дека како последица „Република Нагорно-Карабах (Арцах) престанува да постои“.

Ерменските сепаратисти во Нагорно-Карабах претрпеа воен пораз во рок од дваесет и четири часа минатата недела, принудувајќи ги да капитулираат пред Азербејџан, земјата од која се отцепија по распадот на СССР пред повеќе од триесет години.

Ерменија, која со децении ја поддржува оваа територија, овојпат не интервенираше воено, отворајќи го патот за реинтеграција на регионот во Азербејџан.

Во советско време, Нагорно-Карабах беше прогласен за автономен регион во рамките на Азербејџан. По падот на Советскиот Сојуз, Ерменците таму ја соборија номиналната азербејџанска контрола и ја окупираа соседната територија во Првата карабашка војна. Од 1988 до 1994 година беа убиени околу 30000 луѓе, а повеќе од еден милион беа раселени, главно Азербејџанци.

Премиерот на Ерменија: Нема да има повеќе Ерменци во Нагорно Карабах

По победата на Азербејџан минатата недела, ерменското население започна егзодус: околу 65 000 луѓе од населението од околу 120 000 избегаа за неколку дена поради страв дека ќе бидат цел на азербејџанската репресија и покрај ветувањата на Баку дека ќе ги почитува нивните права.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан утрово изјави дека повеќе нема да има Ерменци во Нагорно Карабах. Во својот указ за распуштање на самопрогласената република, сепаратистичкиот водач Шахрамањан нагласува дека откако ќе се знаат условите за враќање на регионот под контрола на Азербејџан, жителите и бегалците ќе можат „индивидуално да одлучат дали ќе останат или ќе се вратат во Нагорно-Карабах“.

Покрената кривична постапка против поранешниот шеф на владата на отцепениот регион

Азербејџан отвори неколку кривични постапки против Рубен Вардањан, поранешен шеф на владата на отцепениот регион, соопшти во четвртокот Азербејџанската служба за безбедност.

Таа рече дека Вардањан, кој беше уапсен вчера, е обвинет за илегално преминување на границата на Азербејџан и финансирање тероризам и е ставен во истражен затвор.

АКТУЕЛНО