Search
Search

Breathe.mk – нова апликација за Скопјани да пријават загадување на воздухот

Студенти развиваат нова апликација која ќе овозможи следење и пријавување на загадување на воздухот, по што на терен ќе излезат инспектори за животна средина од Град Скопје.

Апликацијата Breathe.mk се креира во соработка со „Air Care“ (Мој Воздух) на двата хакатони за студенти во организација на „Бреинстер“.

Како што информираат од „Бреинстер“, корисниците на Breathe.mk. ќе можат да поднесат извештаи за загадување на воздухот, со датум, време, локација во живо, ниво на загадување што можат да го почувствуваат, дополнителна забелешка и да посочат во која општина е загадувачот.

Идејата е пријавите да стигнуваат директно до инспекторите, кои ги обезбедува Град Скопје.

На првиот Air Care – хакатон, денеска и утре ќе биде креиран план за развој на продуктот, маркетинг стратегија и UX/UI дизајн на платформата. На вториот хакатон, што ќе се одржи на 28 и 29 октомври, студентите ќе работат на реализација на одбраниот UX/UI дизајн, преку кодирање на Front-End и Back-End на платформата, нејзино тестирање, поставување на можност за следење и лоцирање на загадување и останати функционалности.

На првиот хакатон учествуваат стотина студенти од креативните академии на Бреинстер – графички дизајн, дигитален маркетинг, UX/UI дизајн и проект и продукт менаџмент. На вториот хакатон ќе се активираат студентите од техничките академии: Front-End, Full Stack, Data Science, Software testing, Проект и продукт менаџмент, како и студентите од првиот практичен ИТ-факултет Бреинстер Некст колеџ (Brainster Next College), од програмата за Софтверско инженерство и иновации. Хакатоните се реализираат како дел од програма за учење и работа на реални проекти на Академиите и факултетот на Бреинстер.

АКТУЕЛНО