Search
Search

Тешко се сервисираат обврските, но застој во јавниот превоз нема да има, тврдат од ЈСП

Од јавното сообраќајно претпријатие велат дека имаат доволно возачи за редовно одвивање на градскиот превоз, платите се исплаќаат во законски рок и дека се враќаат долговите, но дека не е сѐ така „розово“ говори фактот дека очекуваните субвенции од Градот требаше да бидат наменети пред сѐ за плати.

На почетокот на месецов десетици возачи од ЈСП „Скопје“ заминаа на работа во Германија. Во медиумите се спомнуваше бројка од 60-тина вработени, кои според неофицијалните информации земале неплатено отсуство од работа и сѐ уште не поднеле отказ во претпријатието додека не се снајдат на новите работни места во германскиот јавен превоз.

Поради тоа, а и по неодамнешните изјави на претставниците на синдикатите дека во ЈСП недостасуваат возачи, затоа што дел заминуват во пензија, дел егзистенцијата ја бараат во странство, а дека нови нема, кај граѓаните со право се создаде грижа дали повторно ќе има проблеми со функционирањето на градскиот превоз. Особено кај оние кои секојдневно одат и се враќаат од работа со автобус, но и кај студентите и средношколците, кои со јавен превоз патуваат до факултетите и средните училишта.

Од ЈСП за „Слободен печат“ тврдат дека располагаат со доволен број возачи за секојдневно непречено одвивање на јавниот превоз.

Периодов, откако има шпекулации за напуштање на голем број возачи од ЈСП, ниту еден возач нема доставено барање за отказ. Во моментов претпријатието располага со 588 возачи, од кои 529 се на неопределено време, а останатите 59 се ангажирани преку агенција за привремени вработувања. За жал, ЈСП Скопје не може да ангажира возачи на неопределено време, бидејќи Советот на Град Скопје не го усвои Годишниот план за вработување за 2023 година кој предвидуваше 90 возачи на неопределено време – објаснуваат од претпријатието.

Неодамна ЈСП објави јавен оглас со кои бара возачи на автобуси, каде не беше прецизирано колкумина се бараат.

Возачите на градските автобуси подолг период се жалат дека работат за мали плати, но и на лошите услови за работа, особено поради тоа што, како што велат, се приморани да возат повеќе часови од она што е одредено со правилникот за работа.

Од ЈСП пак велат дека „груби невистини“ се дека возачите временски извршуваат работни задачи над дозволеното време.

Секој возач има работно време од 40 часа неделно, организирано во зависност од возниот ред на линијата која ја вози – велат од претпријатието.

Што се однесува до висината на платата, оттаму додаваат дека основната плата на возач на автобус изнесува 29.972 денари, а се исплаќаат и додатоци предвидени со колективниот договор како што се додатоци за прекувремена работа, ноќна смена, работа во смени, определени празници, возење зглобен автобус и слично.

Платите се исплаќаат во законски превидениот рок, се сервисираат наследени долгови, финансиските показатели за последното тримесечје укажуваат дека раководството со домаќинско работење полека, но сигурно успева да ги намалува долговите, загубата – одговараат од јавниот градски превозник на прашањето како менаџментот почнал да ја консолидира работата на ЈСП, како што јавно тврдат од претпријатието.

Сепак дека работата не е толку „розова“ говори фактот што на последната седница на Советот на Град Скопје, советниците не дадоа согласност на ЈСП „Скопје“ да му се дадат уште 110 милиони денари субвенции. Доколку прифатеа, заедно со претходно одобрените пари, годинава претпријатието ќе добиеше вкупно 550 милиони денари од Градот, односно околу 9 милиони евра.

Советниците бараа објаснување за што точно се планираат дополнителните пари, затоа што во предлогот не беше ништо прецизирано.

Средствата исклучиво се однесуваат за плати и за ратите од кредитот за набавените автобуси во 2019 година – објасни секретарот на Градот Зоран Глигоров и додаде дека ако не се изгласа одлуката, ќе биде исклучително тешко да се извршуваат обврските на ЈСП и сервисирањето на другите обврски.

По седницата директорот на ЈСП Крсте Петревски на прес конференција рече дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички не ги изгласале предвидените средства за сервисирање на редовните потреби на ЈСП со што свесно се обидуваат да предизвикаат застој во јавниот сообраќај.

Јас како директор на ЈСП, нема да дозволам оваа непринципиелна коалиција да предизвика застој на јавниот превоз и да ги остави чесните вработени во претпријатието без плата, но граѓаните мора да знаат кој работи во нивна корист, а кој работи на штета на скопјани – рече Петревски.

Извор: СП

АКТУЕЛНО